Вести

Се стабилизира проблемот со Краста, дивите депонии остануваат проблем

Се стабилизира проблемот со Краста, дивите депонии остануваат проблем

Во изминатите триесет дена немало проблеми на депонијата „Краста“, а отпадот што се носи од Куманово се обработува секојдневно, рече директорот на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ, на прес-конференцијата на која даде отчет за првата година од својот мандат.

Томиќ посочи дека претпријатието претходно се соочувало со сериозни проблеми на депонијата, каде што по пожарот се интервенирало на терен. На депонијата се формирани мешовити еко-патроли со жители на Пчиња, кои, според директорот, досега немале забелешки за работата таму.

Дивите депонии повторно се создаваат по чистењето

Дивите депонии и понатаму се проблем, рече Томиќ. Според него, екипите на претпријатието повеќепати чистат на истите локации, каде што повторно се одлага отпад.

Одговарајќи на забелешките на граѓаните и на опозицијата за комуналната хигиена, Томиќ рече дека отпадот во централното градско подрачје се собира во три смени. Тој оцени дека услугата треба да се подобри во дел од приградските и селските средини.

Исплатени 196,6 милиони денари, зголемени трошоците за гориво

Претпријатието во изминатата година исплатило вкупно 196,6 милиони денари за плати, обврски кон доверителите и сервисирање на наследените долгови, соопшти Томиќ. Меѓу ставките што ги наведе се 114 милиони денари за обврски кон вработените, 55,6 милиони денари за доверителите и добавувачите и 21,8 милиони денари за даночни обврски и камати.

Како дополнителен товар ги посочи зголемените трошоци за гориво. Според него, пред седум до осум месеци месечните фактури за нафта изнесувале од еден до 1,2 милиони денари, а сега надминуваат два милиони денари.

Три специјализирани возила ставени во функција

Со поддршка од Владата, претпријатието добило три специјализирани возила, кои се регистрирани и веќе се користат. За собирање и транспорт на отпадот секојдневно се ангажираат од 11 до 12 камиони во неколку смени. Томиќ очекува следната година претпријатието да добие дополнителна опрема и камиони за да ја подобри услугата.

Претпријатието бара возачи и работници на терен

Во изминатата година биле спроведени три огласи за прием на возачи и општи работници, а немало нови вработувања во администрацијата, информираше Томиќ. Потребата од работници на терен останува, особено од возачи на тешки моторни возила, бидејќи дел од новопримените работници заминале на други работни места.

Во претпријатието има околу 300 вработени, од кои околу десет проценти работат во администрацијата. Директорот ги повика лицата со искуство во управување со камиони и булдожери да се пријават во претпријатието.

Очекуваат повеќе средства за одржување на јавните и зелените површини

Томиќ рече дека од Општина Куманово очекува повеќе средства за одржување на јавните и зелените површини. Како приоритети ги посочи подобрувањето на услугите за граѓаните и фирмите, намалувањето на трошоците и подобрувањето на работните услови и примањата на вработените.

Според него, претпријатието влегува во втората година од мандатот со намалени обврски кон дел од доверителите. Преостанатите долгови и повисоките трошоци за работење остануваат предизвик.

Сузана Андоновиќ

Radio Bum

November 27th, 2026

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *