Уредничка политика

Уредничка политика

Уредништвото и организацискиот одбор на Радио Бум , има свој етички Кодекс, со што уредувачката политика на новинарот му дозволува да си ги исполни професионалните новинарски стандарди.
А тоа е поткрепено со резултатите на истражувањата и мониторинзите на разни независни агенции кои покажуваат дека Радио Бум има највисока доверба кај публиката, која го смета за свој основен извор на професионална и објективна инфорамција.

Уредувачката политика на Радио Бум се темели на професионалните принципи и стандарди на медиумското работење, има објективен пристап кон настаните.
Во информирањето предност имаат настаните кои засегаат што поголем број луѓе. При тоа, не се занемаруваат вестите кои се однесуваат на теми за малцински групи. Со ова Радио Бум иако во основа е комерцијален медиум, го стекнува и приматот на медиум на заедниците. Свесни за својата улога во одржувањето и напредокот на демократијата и на цивилното општество, новинарите ги бранат човековите права, почитувајќи ги разновидните содржини и ставови, а со тоа даваат и свој придонес во јакнењето на правната држава.

Пласирање на точни, објективни информации со почитување на кодекс на професионалните принципи го отфрлаат правење грешки од невнимание, а ако евентуално тоа се случи, новинарот е должен јавно да се извини преку обновување на веста. Намерното искривување на фактите е апсурдно и во никој случај не смее да биде дел од уредувачката политика. Новинарот, според овој Кодекс е должен да го обезбеди ставот на секоја засегната страна, а ако не успее во тоа, тогаш може да се повика на друг медиум кој ја пренел изјавата на изворот на информации. Ако изворот се согласи да биде цитиран, но да остане анонимен тогаш новинарот е должен да го прифати тоа.
Според ова, новинарот не изнесува свои мислења и ставови.

Анонимноста, доколку е потребно мора да се почитува. Новинарот треба да го објави името на физичко/правно лице, само кога тоа е од јавен интерес. Во услови кога дел од општествената ситуација е некаков скандал во врска со одредена личност, институција, компанија, новинарот е должен да направи максимални напори да биде фер при пренесувањето на веста. Новинарот не смее да обвинува, но може да ги пренесе критиките на другата засегната страна од настанот. При тоа, треба да внимава објавената изјава да не афирмира каков било облик на говор на омраза.

Професионалното известување бара почитување на приватноста, пред се поради тоа што публиката очекува нејзината приватност да биде почитувана, но и затоа што со почитувањето на човековото достоинство, медиумот би го зацврстил својот кредибилитет.
Исклучително внимание Радио Бум посветува при известување за малолетници, жртви на некакви несреќи, елементарни непогоди, маргинилизирани групи кои се изложени на дискриминација. Новинарот мора да пишува на начин кој нема да предизвика душевна болка кај засегнатата страна и мора да го почитува правото на пресумпција на невиност.

Новинарот исклучително ќе внимава на правописот. Новинарот нема да го злоупотребува јазикот за да шири говор на омраза, односно да објавува прилози кои целат кон дискриминирачки однос кон некоја општествена заедница. Новинарот не смее да манипулира со јазикот и да употребува политички некоректни зборови или изрази и по секоја цена ќе избегнува стереотипизација и предрасуди.

Радио Бум е професионален медиум и општествено одговорна компанија и поттикнува граѓанско новинарство. Новинарите и водителите го поттикнуваат цивилното општество да споделува информации за настани за кои смета дека се од јавен интерес. Тоа го прави Радио Бум најслушан локален медиум.