Вести

Во Куманово претставени грантови до 300.000 евра за зелени инвестиции на компаниите

Во Куманово претставени грантови до 300.000 евра за зелени инвестиции на компаниите

Малите и средни претпријатија во Македонија имаат можност да добијат финансиска поддршка до 300.000 евра за зелени инвестиции, енергетска ефикасност и унапредување на производствените процеси преку проектот „Greening Business Facility“, вреден 25 милиони евра.

Можностите за финансиска поддршка беа претставени на информативна сесија во Куманово, организирана од Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија Куманово, во соработка со Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА.

Во рамките на проектот се предвидени три финансиски инструменти. Првиот е наменет за воведување меѓународни стандарди и сертификација, со можност за покривање до 80 проценти од прифатливите трошоци, односно до 300.000 денари.

Вториот инструмент предвидува мали грантови до 30.000 евра, со најмалку 30 проценти сопствено кофинансирање, додека третиот овозможува големи грантови до 300.000 евра, со најмалку 50 проценти учество на компаниите.

Поддршката е наменета за претпријатија кои сакаат да инвестираат во заштита на животната средина, намалување на потрошувачката на природни ресурси, циркуларна економија и одржливо работење.

Проектот е кофинансиран од Европската Унија и Владата на Северна Македонија, а ќе се реализира до јануари 2030 година.

Според предвидените резултати, се очекува финансиска поддршка за 300 претпријатија, воведување меѓународни стандарди во 180 компании и отворање 700 нови работни места. Планирано е и приватниот сектор да учествува со осум милиони евра во поддржаните инвестиции.

На информативната сесија претставниците на бизнис-секторот имаа можност да се запознаат со условите за аплицирање, критериумите и предвидените финансиски инструменти.

Целта на проектот е да се поттикне зелената трансформација на македонските компании, да се подобри нивната конкурентност и да се придонесе кон исполнување на климатските цели од Зелената агенда за Западен Балкан.

Сузана Андоновиќ

Radio Bum

November 18th, 2026

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *