Вести
Околу четири милиони евра за „бесплатен“ јавен превоз во Куманово – кој доби, а кој ја плати сметката
Три и пол години граѓаните на Куманово не плаќаа билет во автобусите, но јавниот превоз не беше бесплатен. Го вршеа приватни превозници, а нивната услуга се плаќаше од општинскиот буџет. Од 1 јануари 2023 до 30 јуни 2026 година за субвенционирање на општинскиот линиски превоз биле потрошени 230 милиони денари со ДДВ, или околу 3,74 милиони евра. Дозволите на приватните превозници, според Општина Куманово, биле издадени по јавен оглас. По завршувањето на мерката остануваат различни податоци за бројот на патници и прашањето дали ефектот од бесплатниот превоз ја оправдува неговата цена.
Граѓаните на Куманово три и пол години користеа бесплатен јавен превоз. Билет не плаќаа оние што се возеа, но трошокот за превозот се покриваше од буџетот на Општина Куманово, односно од јавни средства.
Мерката заврши на 30 јуни 2026 година, а од 1 јули билетите повторно се наплаќаат. Дали бесплатниот јавен превоз повторно ќе биде воведен, треба да одлучи Советот на Општина Куманово.
Девет приватни превозници, 230 милиони денари за субвенции
Од официјалниот одговор што го добивме од Општина Куманово девет фирми, приватни превозници биле носители на дозволите за јавен превоз на патници.

Од Општината информираат дека дозволите со регистриран возен ред за вршење општински линиски превоз биле издадени по пат на јавен оглас, согласно единствената мрежа на линии утврдена со Одлуката за уредување на општинскиот линиски превоз. Биле издадени дозволи за вкупно 25 релации.
Носители на дозволите биле девет приватни превозници: „Јоцо-Турс МС“, „Оли-Травел“, „Штуз-Патнички“, „Н&М-Травел“, „Алекс Турс“, „Делукс Турс“, „Мерван-Ком“, „Даро Компани“ и „Дора-Турист“.

Според одговорот на Општината, согласно одлуките за субвенционирање на општинскиот линиски превоз, за периодот од 1 јануари 2023 до 30 јуни 2026 година биле потрошени 230 милиони денари со ДДВ, што е околу 3,74 милиони евра.
Парите не биле исплаќани од Општината директно на секој превозник поединечно. Финансиските средства биле исплаќани на Диспечерскиот центар „Н&М-Травел“, кој, според Општината, бил формиран од превозниците – вршители на дејноста.
Во доставениот одговор, нема информации колкав износ од вкупните средства поединечно му припаднал на секој од деветте превозници.

„Бесплатен“ за патниците, платен од сите граѓани
Мерката беше воведена кон крајот на 2022 година, во услови на економска и енергетска криза. Образложението беше дека на овој начин ќе се намалат трошоците на семејствата, сообраќајниот метеж и негативното влијание врз животната средина.
Начинот на финансирање во изминатите три и пол години беше предмет на политички и јавни полемики. За опозицијата бесплатен јавен превоз е популистичка и скапа мерка.
– Каде се потрошија парите на Општина Куманово, каде отидоа тие средства? Сега Општината нема пари за ништо – реагира советникот Томица Илиќ.
Тој тврди дека за јавниот превоз биле потрошени околу 300 милиони денари и смета дека високи средства биле насочени кон краткотрајни проекти.

Во општинската каса има само 22 милиони денари, а планирано задолжување од 100 милиони
Во моментот на сметката на Општина Куманово има 22 милиони денари, односно околу 358 илјади евра, потврди Фросина Милковска, раководителка на Секторот за финансиски прашања.
Средствата што се користеле за бесплатниот превоз треба да бидат насочени кон други приоритетни проекти.
Истовремено, Советот даде согласност Општина Куманово да започне постапка за ново задолжување од 100 милиони денари, односно околу 1,6 милиони евра, за капитални инвестиции во јавните претпријатија.

Колку граѓани навистина го користеа бесплатниот превоз?
Едно од клучните прашања за оценување на ефектот на мерката е колку патници реално биле превезени за парите издвоени од буџетот.
Но, за тоа нема единствен прецизен системски податок.
Во јавноста беа изнесувани различни бројки. Претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, зборуваше за околу 20.000 патници дневно, додека градоначалникот Максим Димитриевски наведуваше бројка до 16.000 патници.
Ѓорѓиевска тврди дека пред воведувањето на бесплатниот превоз, кога билетите се наплаќале, јавниот превоз го користеле околу 7.000 граѓани дневно.
– Оваа мерка се покажа како добра, бидејќи можат да ја користат сите граѓани. Задоволството меѓу обичните граѓани е големо. Сите гледаме дека автобусите се полни – кажа Ѓорѓиевска.
Разликата меѓу јавно изнесените бројки од 16.000 и 20.000 патници дневно дополнително ја отвора потребата од прецизни податоци за вкупниот број превезени патници и користењето на секоја линија.
Димитриевски: Јавниот превоз им е потребен на населбите и селата
Градоначалникот Максим Димитриевски ја брани мерката со образложение дека Куманово, поради својата големина и бројните приградски и селски населби, има потреба од јавен превоз.
– Општината мора да размислува подеднакво за сите. Знам дека од центарот не го користат, но го користат речиси сите населби, како и селата, граѓаните оттаму наоѓаат забелешки и секогаш прво зборуваат за превоз – вели Димитриевски.
Според него, бесплатниот јавен превоз е една од најприфатените мерки меѓу граѓаните. Како аргумент посочува теренска анкета спроведена на 1.055 испитаници од јануари до март 2026 година.

Во јавно изнесената изјава, сепак, не беа презентирани деталните резултати од анкетата – процентот на граѓани што ја поддржуваат мерката, структурата на испитаниците, ниту колкав дел од анкетираните реално го користат јавниот превоз.
Димитриевски вели дека лично е за продолжување на мерката, но дека конечната одлука е на Советот.
– Јас сум за оваа мерка, а дали таа ќе продолжи зависи од одлуката на Советот на Општина Куманово. Кога излегов пред три и пол години пред Советот, мерката беше донесена со политички консензус и ако сега има ист консензус мерката за бесплатен јавен превоз ќе продолжи, јас само го извршувам буџетот и ќе ја почитувам одлуката на Советот – кажа Димитриевски.
Дополнително прашање е колку реално чинело вршењето на превозот.
Раководителката на Секторот за комунални работи Лидија Ланг-Спасовска информира дека превозниците побарале зголемување на цената, по што Општината побарала пресметка на трошоците по километар.
Според извршеното вештачење од дипломиран сообраќаен инженер, врз основа на бројот и параметрите на возилата и дневно изминатите километри, трошокот бил пресметан на 82,24 денари по километар за автобуси и 54,47 денари за минибуси, со вклучен ДДВ.
Општината, според Ланг-Спасовска, немала можност да издвои дополнителни средства, па субвенционирањето продолжило по истата цена од 50 денари, заклучно со 30 јуни 2026 година.
Граѓаните со поделени ставови
За едни бесплатниот превоз бил значајно олеснување на семејниот буџет, додека други сметаат дека не е оправдано од јавните средства да се финансира услуга што тие воопшто не ја користат.
– Јас немам потреба од јавен градски превоз, сметам дека оваа мерка не е оправдана и зошто моите пари да се трошат на нешто од што јас немам корист – вели Владанка Илиќ, која живее во центарот на Куманово.
Од друга страна, Горица Стефановска, која го користи јавниот превоз, ја поддржува мерката, но укажува и на проблемите.
– Мерката е многу добра, имаме превоз без пари, ама нередовни линии и автобусите се преполни. Во дел од автобусите нема клима, а возачите возат со отворени врати – реагира Стефановска.
Поранешниот советник Миле Андоновски од Партијата на пензионерите не ја оспорува мерката, но смета дека таа требало да биде насочена кон одредени категории граѓани, наместо превозот да биде бесплатен за сите.
Според него, недостига анализа за тоа колку граѓани го користат превозот, колку патници се превезуваат по одделни линии и колкава е оправданоста на трошоците.
– Се вели дека имаме бесплатен јавен превоз, но не е така, тој дебело се плаќа со парите на сите граѓани. Јас имам чувство дека повеќекратно е поголем бројот на луѓето коишто не го користат, отколку оние што го користат – вели Андоновски.
Тој смета дека со дел од средствата можеле да се финансираат инфраструктурни проекти со долгорочна корист и дека субвенционирањето требало подобро да се таргетира.
И опозицијата во Советот во изминатите три и пол години тврдеше дека мерката е прескапа и дека средствата можеле да се искористат за канализација, водовод, осветлување и патишта. Истовремено, советниците од опозицијата не се изјаснувале против субвенционирање на категории како пензионери, ученици, студенти и лица со пониски примања, туку барале детален преглед на бројот на патници.
Општина Куманово ја прекина мерката на 30 јуни. Од 1 јули 2026 година билетите повторно се наплаќаат, а цената изнесува од 30 до 120 денари, во зависност од зоната.

Од Општината образложија дека мерката за субвенциониран јавен превоз била успешно прифатена и користена од граѓаните, но дека во овој момент средствата од буџетот се пренасочуваат кон други приоритетни проекти.
За дел од граѓаните бесплатниот превоз беше значајна помош за семејниот буџет и неопходна услуга, особено за оние од населбите и селата. За други, тоа беше прескапа мерка што ја финансираа и граѓаните кои никогаш не се качиле во автобус.
Овој текст е изработен во рамките на проектот „Заедници со интегритет“, поддржан од Владите на Швајцарија и Шведска во Северна Македонија и имплементиран од Националниот демократски институт (НДИ). Содржината на овој текст е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на проектот, донаторите или имплементаторот. Швајцарија и Шведска не мора нужно да ги делат ставовите изразени во овој текст.
Сузана Андоновиќ








