Вести

Кумановци бараат побрзи и поквалитетни реконструкции

Кумановци бараат побрзи и поквалитетни реконструкции

Кумановци се жалат на раскопани улици, небезбедно движење поради градежна механизација, оштетени коловози и дупки. Тие објавуваат фотографии и видеа и реагираат на времетраењето, организацијата и квалитетот на реконструкциите. Граѓаните прашуваат кога ќе бидат реконструирани и други сообраќајници, особено таму каде што коловозите се оштетени подолг период.

Од Општина Куманово информираат дека инфраструктурните инвестиции се дел од среднорочното планирање преку програмите за развој. Од општината објаснуваат дека проектите се реализираат со различни извори на финансирање општински средства, средства обезбедени преку владини повици, како и кредитни и донаторски механизми.

„Бајрам Шабани“, целосна реконструкција по повеќе од четири децении

„Улицата се прави веќе две години, првин атмосферска се ставаше, па и асфалт. Имаше невреме, дождот однесе дел од бекатонот. Џабе миеме дворови, голтаме прашина“, вели повозрасна кумановка.

Фотографија-Граѓани на „Бајрам Шабани“

Локалната власт најавува завршување на проектот. Градоначалникот Максим Димитриевски при увидот информираше дека околу 90 проценти од јавната сообраќајна површина е асфалтирана, а тротоарите се целосно изградени.

Фотографии-Општина Куманово

 На прес-конференција, Димитриевски рече дека се менуваат коловозот, тротоарите, атмосферската канализација.

„Моша Пијаде“, реконструкција со интервенции во подземната инфраструктура

Улицата „Моша Пијаде“ се реконструира во повеќе фази. Жителите се жалат дека немаат светло. По година дена завршени се околу 50 проценти од трасата.

„Очекувам да биде завршена до октомври“, најави Димитриевски.

Градоначалникот ја посочи сложеноста на инфраструктурните интервенции и потребата од дополнителни работи, меѓу кои и оние на улицата „100“, која рече е една од поскапите.

„Индустриска“, капитален проект важен за бизнис-заедницата

Меѓу поголемите инфраструктурни проекти што ги најавува Општина Куманово е и реконструкцијата на улицата „Индустриска“, финансирана со унгарскиот кредит. Проектот предвидува целосна реконструкција на сообраќајницата и изградба на нови тротоари.

Според локалната самоуправа, станува збор за капитална инвестиција во значајна сообраќајна врска.

Кружниот тек кај старата автобуска: дополнителни работи поради технички проблеми

Како пример за дополнителни интервенции во текот на реализацијата, Димитриевски го посочи кружниот тек кај старата автобуска станица. При изведбата на атмосферската канализација се појавиле технички проблеми, поради што биле потребни дополнителни работи.

„Имаше технички проблеми во делот на изведбата на атмосферската канализација. Изведувачот врши поправка на сето она што било непрописно претходно инсталирано. Откако ќе заврши, ќе продолжи фирмата со завршните слоеви на асфалтната подлога и поставувањето на кружниот тек“, изјави Димитриевски.

Неколку фирми носители на инфраструктурните проекти

Граѓаните бараат почитување на договорените рокови, но и поквалитетна изведба. Од електронскиот систем за јавни набавки може да се види дека неколку компании од Македонија со години добиваат тендери во оваа област. Ова го забележува и Центарот за граѓански комуникации.

„Низ секојдневното следење на јавните набавки што го спроведуваме веќе 18 години сме забележале вакви појави, некои институции и општини да имаат свои „омилени“ фирми, односно одредени фирми да ги добиваат, ако не сите, но најголем дел од тендерите во областа на нивното работење“, вели Филков.

Општина Куманово во 2026 година спроведува повеќе набавки за реконструкција, санација и изградба на јавни прометни површини.

Меѓу нив е договорот со „МК ГРАДБА АС ДООЕЛ“ Скопје за реконструкција и санација на оштетени јавни прометни површини со бекатон плочки, вреден речиси 30 милиони денари.

Компанијата има и договор за обновување на сообраќајници и тротоари со бекатон, вреден околу осум милиони денари, како и уште два договора за улици.

Со „ФИШЕР-ТИХИ“ ДОО е склучен договор за градежни работи и тампонирање на сообраќајници во вредност од речиси 12 милиони денари. За „Бајрам Шабани“ е наведен договор со „КОП-ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ“ Скопје вреден околу 17,8 милиони денари. Компанијата работела и на реконструкција на фекална канализација на дел од „11 Октомври“ и атмосферска канализација на дел од булеварот „Октомвриска револуција“.

„Ибро Комерц 21“ од Липково е избран за реконструкција на локалниот пат кон Романовце до асфалтната база, во вредност од речиси 60 милиони денари. Компанијата е поврзана и со проектот поддржан од унгарскиот кредит за изградба на дел од улицата „АВНОЈ“, вреден околу 15,6 милиони денари. „КООП ИНЖЕНЕРИНГ ДОО“ Куманово е изведувач на повеќе инфраструктурни проекти, меѓу кои улици во „Гладно Поле“, „Иго Тричковиќ“, Горно Коњаре, „Благоја Д. Пецаклија“, „Индустриска“, Проевце и „Васко Карангелевски“.

„Не мора однапред да значи дека станува збор за корупција. Но, секако дека е едно од т.н. црвени знаменца. Важно е да се видат причините, конкретните постапки за јавни набавки и да се изведат заклучоци“, укажува Филков.

Анализите на здружението покажуваат дека причината може да биде недоволниот број фирми, но и фаворизирање или евентуално договарање меѓу компаниите за поделба на пазарот. Показател е и бројот на понуди: на државно ниво во 35 проценти од постапките има само една понуда, додека просекот е 2,7 понуди по тендер. Ниската конкуренција може да произлегува од ограничен број компании со потребен капацитет, но и од услови во тендерската документација што ги ограничуваат потенцијалните понудувачи.

ДЗР-Слабостите започнуваат пред асфалтирањето

Од Државниот завод за ревизија информираат дека ревизиите на општините покажале отстапувања при изградба и реконструкција на улици, патишта, водоводна и канализациона мрежа и други капитални проекти. Меѓу слабостите се необезбедени одобренија за градење, изведување работи без соодветен проект и проектна документација, како и реализација само врз основа на техничка спецификација или предмет-пресметка.

ДЗР укажува и на анекс-договори за дополнителни работи без дополнување на основниот проект или проект на изведена состојба, како и недостиг на извештаи за технички преглед и записници за примопредавање. Во однос на Куманово, ревизијата на финансиските извештаи и усогласеноста за 2020 година утврдила повеќе слабости.

„Како резултат на недонесен план за одржување на јавни патишта, во Програмата за уредување на градежно земјиште, изградба и одржување на комунална инфраструктура не се предвидени локациите за кои се планираат зафати за санирање на оштетени јавно прометни површини“, наведува ДЗР.

ДЗР наведува дека општините користат стара проектна документација без да ги земат предвид промените во техничките стандарди, цените, економските услови и состојбата на теренот. Тоа може да доведе до дополнителни трошоци, пролонгирање на проектите и намалена ефикасност. Контролата на квалитетот и количината на работите ја врши надзорниот инженер, додека градежниот инспекторат го контролира почитувањето на законитоста. Квалитетот се утврдува преку проектната документација, техничките услови, надзорот, мерењата и соодветната документација.

Неквалитетна документација, неефикасни проекти, слаба реализација

Според Герман Филков, доцнењето на инфраструктурните проекти се должи на неквалитетно подготвени проектни документи, тендери и договори, слаба реализација од страна на изведувачите, недоволен надзор и непреземање мерки и санкции од институциите.

„Редица испреплетени проблеми кои, се чини, се одомаќиниле и станале составен дел на овие проекти“, вели Филков.

ДЗР издвојува повеќе индикатори: недостиг или нецелосност на проектната документација, неизвршена ревизија на основниот проект, несоодветни технички спецификации, неутврдени количини, продолжување на роковите и склучување анекси. Проблем претставуваат и непредвидени работи што отстапуваат од проектната документација без соодветно образложение, како и плаќања без целосна документација.

Транспарентноста најслаба во фазата на изведба

Центарот за граѓански комуникации смета дека јавноста има најмалку информации токму кога инфраструктурниот проект се гради. Граѓаните можат да го видат тендерот, договорот и градежната табла, но често не знаат колкав процент од работите е реализиран, дали се платени фактурите, дали имало анекси, дали рокот е продолжен и зошто. Според Филков, граѓаните имаат важна улога во следењето на јавните набавки, особено кај инфраструктурните проекти.

„Граѓаните најдобро следат што се случува со ваквите набавки, односно градежните проекти, „на терен“. Често тие и ни укажуваат на одредени конкретни набавки и проблеми, па ние потоа ги истражуваме и алармираме во пошироката јавност“, вели Филков.

Целосна транспарентност од идеја до реализација

Герман Филков смета дека транспарентноста треба да го опфати целиот животен циклус на инфраструктурниот проект – од идејата и потребата за финансирање, преку јавната набавка, до реализацијата и плаќањето.

„Секако дека препорачуваме целосна транспарентност на податоците и документите поврзани со овие проекти, од нивната првична идеја, потреба и намена, начинот на којшто некој одлучува да финансира вакви проекти, преку процесот на тендерски постапки, сè до реализацијата и плаќањето“, вели Филков.

Инфраструктурните инвестиции треба да се третираат како проекти за кои граѓаните треба да добијат јасни информации: зошто се градат, кога треба да завршат, колку ќе чинат, која е нивната намена и кој е одговорен за реализацијата. ДЗР укажува на потребата од целосна проектна документација, почитување на процедурите, соодветен надзор, технички преглед и примопредавање, како и документирање на сите промени во реализацијата.

Кумановци бараат и самите да бидат повеќе вклучени во следењето на проектите, преку дебати на ниво на месни заедници и редовни информации за фазите на реконструкциите, динамиката, проблемите и плаќањата. Кумановци велат дека граѓаните треба да имаат навремена и проверлива информација за тоа како се трошат нивните средства и што добиваат како краен корисник.

Александра Максимовска

Овој текст е изработен во рамките на проектот „Заедници со интегритет“, поддржан од Владите на Швајцарија и Шведска во Северна Македонија и имплементиран од Националниот демократски институт (НДИ). Содржината на овој текст е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на проектот, донаторите или имплементаторот.  Швајцарија и Шведска не мора нужно да ги делат ставовите изразени во овој текст.

Radio Bum

October 30th, 2026

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *