Вести

Српската заедница бара итна реакција од институциите по објавите за минирање на спомен-костурницата Зебрњак

Српската заедница бара итна реакција од институциите по објавите за минирање на спомен-костурницата Зебрњак

На социјалната мрежа Фејсбук е објавен повик за уништување на спомен-костурницата Зебрњак кај Куманово со динамит. Во објавата на профилот на Блаже Аризанов се наведува: „Како Македонец не ме интересира кој ќе победи на изборите во Србија. Како Македонец ме интересира кога ќе биде разнесен споменикот кај Зебрњак. Со динамит.“

На објавата, според приложените фотографии, коментирал и профилот на Петар Богојески со зборовите: „Македонски концепт планира да минира!“, на што Аризанов одговорил: „Доброволец сум да го стиснам копчето.“ Богојески возвратил со коментар: „Мојт“.

Ваквите објави предизвикаа реакција од Српската заедница во Македонија, која изрази длабока загриженост и побара итно постапување од Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и другите надлежни институции, како и преземање мерки за заштита на спомен-костурницата Зебрњак.

Спорните изјави се појавија во период на јавни полемики околу одбележувањето на Кумановската битка од 1912 година.

Српската заедница во Македонија, предводена од претседателката Гордана Јовиќ Стојковска, изрази длабока загриженост и вознемиреност поради ваквите објави и испрати официјално барање до повеќе државни институции.

Од организацијата нагласуваат дека нивната реакција не претставува вклучување во политички или меѓупартиски пресметки, туку произлегува од потребата да се заштитат културното наследство, историското паметење и достоинството на припадниците на српската заедница.

„Нашето обраќање не претставува учество во политички или меѓупартиски несогласувања, туку произлегува од обврската да реагираме кога се доведуваат во прашање заштитата на културното наследство, слободното негување на историското паметење и чувството на сигурност и достоинство на припадниците на српската заедница“, се наведува во реакцијата.

Од Српската заедница посочуваат дека историските настани можат да бидат предмет на различни толкувања, научни расправи и јавни дебати, но сметаат дека слободата на изразување не може да биде оправдување за повици на насилство или уништување на културното наследство.

„Слободата на изразување и правото на критичко преиспитување на минатото се темелни демократски вредности. Меѓутоа, тие не можат да претставуваат оправдување за повици на насилство, закани со уништување културно наследство или создавање атмосфера на страв и несигурност кај припадниците на која било национална заедница“, се наведува во обраќањето.

Особена загриженост, според организацијата, предизвикува фактот што дел од спорните коментари на социјалните медиумите му се припишуваат на претседател на политичка партија.

Од Српската заедница сметаат дека ова дополнително ја нагласува потребата од непристрасно и транспарентно постапување на надлежните институции, без оглед на политичката припадност или јавната функција на лицата кои ги дале спорните изјави.

Спомен-костурницата Зебрњак, која се наоѓа во близина на Куманово, претставува значајно културно-историско и меморијално добро, посветено на загинатите во Кумановската битка од 1912 година.

Од организацијата нагласуваат дека нејзиното зачувување не е само прашање на почитување на српската национална традиција, туку и одговорност кон културното и историското наследство на територијата на Македонија.

Српската заедница достави шест барања до институциите

Во официјалното обраќање Српската заедница во Македонија бара:

  1. Министерството за внатрешни работи и надлежното јавно обвинителство да ја проверат автентичноста, контекстот и околностите на објавените изјави и да утврдат дали постојат елементи на закана, поттикнување насилство или други законски релевантни дејствија. Доколку постојат основи, се бара постапување согласно законските надлежности.
  2. Надлежните институции да ја проценат безбедносната состојба на спомен-костурницата Зебрњак и, доколку е потребно, да преземат превентивни мерки за нејзина физичка заштита.
  3. Министерството за култура и туризам и Управата за заштита на културното наследство да ја разгледаат состојбата со заштитата на спомен-комплексот и да обезбедат доследна примена на законските механизми за негово зачувување.
  4. Институциите надлежни за заштита на правата на заедниците да го разгледаат поширокиот контекст на јавните изјави што предизвикуваат загриженост кај припадниците на српската заедница и да преземат мерки за спречување национална нетрпеливост и зајакнување на меѓуетничката доверба.
  5. Владата јавно да ја потврди определбата за заштита на културното наследство и почитување на правото на сите заедници слободно и достоинствено да го негуваат своето историско и културно паметење.
  6. Српската заедница во Македонија писмено да биде известена за преземените дејствија и мерки, во рамките на законските можности и надлежностите на институциите.

Во реакцијата се нагласува дека Српската заедница во Македонија останува посветена на меѓуетничкото разбирање, почитувањето на македонскиот народ и сите други заедници, како и на негувањето на добрососедските односи меѓу Македонија и Србија.

„Сметаме дека различните историски сеќавања и толкувања не мора да бидат причина за поделби, туку можат да претставуваат поттик за отворен и аргументиран дијалог“, се наведува во соопштението.

Од организацијата посочуваат дека дијалогот подразбира почитување на достоинството на другиот и дека слободата на изразување не ја исклучува одговорноста за јавно изговорениот збор.

Очекуваат институциите да покажат дека заштитата на културното наследство, безбедноста на граѓаните и почитувањето на правата на заедниците не зависат од политичките околности и различните толкувања на минатото.

„Различното толкување на историјата е право на секого. Заканите за уништување на културното наследство не се историска дебата“, порачуваат од Српската заедница во Македонија.

Од Српската заедница во Македонија наведуваат дека официјалното испратиле и реакција до Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Министерството за култура и туризам, Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за остварување на правата на заедниците.

Сузана Андоновиќ

Radio Bum

October 28th, 2026

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *