Вести

Слепите лица во Куманово се соочуваат со непристапни тротоари, недостиг од звучни семафори и дискриминација

Слепите лица во Куманово се соочуваат со непристапни тротоари, недостиг од звучни семафори и дискриминација

Недостигот од звучни семафори, тактилни патеки, спуштени рабници и непрописно паркираните возила се дел од секојдневните проблеми со кои се соочуваат слепите и лицата со оштетен вид во Куманово. По повод 15 Октомври – Меѓународниот ден на белиот стап, од Здружението на слепи лица во Куманово апелираат до надлежните институции да создадат услови за побезбедно и посамостојно движење, а до граѓаните да покажат поголема свест и разбирање.

Христијан Ѓорѓевиќ посочува дека непристапната инфраструктура е една од најголемите пречки за самостојното движење на лицата со оштетен вид.

– Слепите лица и лицата со оштетен вид во Куманово најпрвин се соочуваат со недостаток на звучни семафори на клучните делови од градот, тактилни патеки, како и спуштени рабници на тротоарите за непречено и безбедно движење. Јас најчесто се движам со придружник, а кога сум сам, одам на места што добро ги познавам – вели Ѓорѓевиќ.

Тој смета дека граѓаните и возачите се делумно запознаени со значењето на белиот стап, но дека е потребно дополнително подигнување на јавната свест. Апелира возачите да ги користат предвидените паркиралишта и да ги ослободат тротоарите за пешаците, особено за лицата со попреченост.

Ѓорѓевиќ, кој е правник и работи во секторот за правни работи во Општина Куманово, посочува дека лицата со оштетен вид можат успешно да ги извршуваат своите работни обврски и активно да придонесуваат во општеството.

– Моето секојдневие е најнормално. Станувам наутро, одам на работа, си ги извршувам работните задачи и се враќам дома – вели Ѓорѓевиќ.

Од Здружението на слепи лица во Куманово посочуваат дека, покрај инфраструктурните пречки, голем проблем остануваат предрасудите и недоволните можности за вработување.

Беракант Асановски, поранешен секретар на здружението, кој во моментов со одлука на Управниот одбор повторно ја извршува оваа функција, вели дека лицата со оштетен вид сè уште се соочуваат со дискриминација и потценување на нивните способности.

– Луѓето имаат проблем со прифаќањето. Се прашуваат што може да работи човек кој не гледа. Според мене, тоа е класичен вид дискриминација. Не можете врз основа на оштетувањето на видот или слухот да проценувате какво образование, знаење и способности има некое лице – посочува Асановски.

Тој сподели и лично искуство од пред неколку дена, кога при преминување на пешачки премин бил вербално нападнат од граѓанин кој не препознал дека има оштетен вид.

– Човекот ми рече: „Што бе, ти не гледаш добро, што поминуваш?“ Му одговорив: „Не гледам“. Такви работи, за жал, се случуваат секојдневно. Не ги обвинувам луѓето, но сметам дека мора повеќе да се работи на подигнување на свеста – вели Асановски.

Според него, белиот стап не треба да се доживува како симбол на сожалување, туку како средство за самостојност и препознавање на лицата со оштетен вид во јавниот простор.

– Не треба да ги сожалуваме овие луѓе. Прашајте ги што знаат да работат, дајте им можност да се вработат. Многу лица со оштетен вид имаат способности и знаења што другите често ги потценуваат – нагласува Асановски.

Во кумановското Здружение на слепи лица членуваат околу 136 лица со висок степен на оштетување на видот, додека на државно ниво, според податоците што ги изнесе Асановски, има околу 3.200 членови.

Од здружението велат дека имаат добра соработка со Општина Куманово, особено во делот на субвенционирањето на комуналните трошоци за семејствата во кои има лица со оштетен вид. Поднесени се и дополнителни барања за соработка, за кои сè уште очекуваат одговор.

Асановски нагласува дека за вистинска инклузија е неопходна заедничка работа на институциите, здруженијата и граѓаните.

– За да имаме инклузивно општество, најпрвин мора да се создадат услови. Не може лицата со оштетен вид да бидат рамноправно вклучени ако нема пристапна инфраструктура, институционална соработка и доволно развиена свест – посочува тој.

Меѓународниот ден на белиот стап, 15 Октомври, се одбележува со цел да се истакне значењето на самостојноста, безбедноста и еднаквите права на слепите и лицата со оштетен вид.

Од кумановското здружение порачуваат дека на овие граѓани не им е потребно сожалување, туку пристапна средина, почитување, еднакви можности за вработување и услови за достоинствен и самостоен живот.

Сузана Андоновиќ

Radio Bum

October 15th, 2026

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *