Вести

Вечерва започнува јубилејното издание на JAZZ FESTIVAL “FILIP STEVANOVSKI” KUMANOVO 2026

Вечерва започнува јубилејното издание на JAZZ FESTIVAL “FILIP STEVANOVSKI” KUMANOVO 2026

Под мотото „10 години звук. 10 години емоција.“, вечерва во Занаетчискиот дом во Куманово започнува јубилејното, десетто издание на Куманово JAZZ FESTIVAL “FILIP STEVANOVSKI” KUMANOVO 2026. Во текот на трите фестивалски вечери, од 13 до 15 октомври, љубителите на џез-музиката ќе имаат можност да проследат шест музички состави, кои ќе понудат разновидни музички изрази и современи интерпретации на џезот. Фестивалот вечерва, 13.10.2026 година ќе го отворат составите „Брамха“ (Brahma) и „Нејкед“ (Naked). Втората фестивалска вечер, на 14 октомври, е резервирана за настапите на „Пијан Славеј“ и „Мемфис Мафија“, додека на 15 октомври фестивалот ќе биде заокружен со концертите на „Дијатик“ (Diatic) и „Мак Брас“ (Mak Bras). Сите концерти ќе започнуваат во 20 часот, во Занаетчискиот дом во Куманово, а влезот за посетителите е бесплатен. Во изминатите десет години Куманово џез фестивал прерасна во препознатлива културна манифестација, која придонесува за афирмација на џез-музиката, промоција на музичките уметници и збогатување на културниот живот во градот. Директорот на фестивалот проф. д-р Маријан Стевановски и организациониот директор на фестивалот м-р Кристина Стевановска Маневска, истакнуваат дека десетгодишниот јубилеј претставува значаен момент во развојот на фестивалот, но и потврда за неговата културна и општествена вредност. „Десет години звук и десет години емоција се симбол на нашата посветеност кон музиката и културата. Во изминатата деценија успеавме да создадеме фестивал кој ги обединува музичарите и публиката и кој има свое препознатливо место во културниот живот на Куманово и пошироко. Денес, кога фестивалот го носи името на Филип Стевановски, неговата мисија добива уште подлабока смисла. Преку музиката го чуваме споменот на еден млад, талентиран и посветен музичар, но истовремено создаваме можности за нови музички средби и уметнички вредности. Нашата желба е фестивалот да продолжи да живее и да се развива и во наредните децении“. Годинешното јубилејно издание има и хуманитарна димензија. Под мотото „Музика за Филип – поддршка за Кочани“, средствата ќе бидат донирани на семејствата на починатите во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Организатор на фестивалот е ИНУКС (Институт за наука, уметност, култура и спорт), а проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура, во областа на музичката и музичко-сценската дејност. Фестивалот се реализира и со поддршка од градоначалникот и Советот на Општина Куманово, како и од други поддржувачи. Организаторите ги покануваат граѓаните и љубителите на џез-музиката да бидат дел од тридневната музичка програма и заедно да го одбележат десетгодишниот јубилеј на фестивалот. Десет години звук. Десет години емоција. Десет години музика што поврзува и спомени што остануваат.

Сузана Андоновиќ

Radio Bum

October 13th, 2026

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *