Вести

<strong>Томиќ: Интензивно се санира депонијата „Краста“, за десетина дена се очекува стабилизирање на состојбата со сметот во Куманово</strong>

Томиќ: Интензивно се санира депонијата „Краста“, за десетина дена се очекува стабилизирање на состојбата со сметот во Куманово

Продолжува интензивната санација на депонијата „Краста“ во Куманово, по прекинот на блокадата од страна на жителите на околните села. На депонијата се носат големи количини земја, се расчистува теренот, а  ЈП „Чистота и зеленило“ работи на отстранување на натрупаниот смет од градот и населените места.

Директорот на претпријатието, Сашо Томиќ, информираше дека во изминатите два дена на депонијата се нанесени околу 10.000 кубни метри земја.

– Продолжува активната санација на депонијата „Краста“. Носиме земја, а на терен работат три градежни машини, булдожери, кои вршат расчистување. Местното население е задоволно од обемот на активностите што се спроведуваат. Депонијата доби сосема нов изглед и нов облик – изјави Томиќ.

Според него, во акцијата биле ангажирани околу 35 камиони со голема носивост, кои реализирале повеќе од 500 тури со земја. Тој упати благодарност до општествено одговорните компании кои се вклучиле во санацијата.

Томиќ истакна дека за време на блокадата постојано разговарале и преговарале со жителите, со цел да се најде решение за проблемите со кои се соочуваат.

– Голема благодарност до местното население. За целото време додека траеше блокадата активно разговаравме, преговаравме и се договаравме, со цел да ги надминеме проблемите што ги имаа до пред седум дена – рече директорот.

Построга контрола, видеонадзор и мешовити патроли најави Томиќ

Во наредниот период се предвидени дополнителни мерки за контрола на депонијата, согласно договореното со месното население.

– Влегувањето и излегувањето од депонијата ќе биде под строга контрола и мониторинг. Ќе го зајакнеме видеонадзорот, ќе поставиме рампи, ќе ја поправиме оштетената ограда и ќе го подобриме осветлувањето на влезот и излезот – најави Томиќ.

Предвидено е секоја вечер на депонијата да има дежурни возила, камиони со резерви земја и цистерна со вода. Во соработка со месното население ќе се формираат и мешовити патроли, а планирано е потпишување меморандум со ЕКО Пчиња.

Целта, како што посочи директорот, е да не се повтори претходната состојба со чадење, палење и загадување на околината.

По деблокирањето на пристапот до депонијата, комуналните возила повторно започнале непречено да го транспортираат отпадот,  информираше Томиќ и кажа дека во изминатите денови претпријатието добило помош од други општини, меѓу кои Кавадарци, како и од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје. Дополнителните камиони биле ангажирани и во ноќните часови.

– Мислам дека во изминатите три дена центарот на градот е расчистен до степен што речиси и не се забележува дека имало проблем со сметот. Сега се обидуваме прво да го отстраниме отпадот од контејнерите и полуподземните садови, а потоа постепено ќе преминеме кон домаќинствата, населбите и селата – изјави Томиќ.

Тој призна дека во дел од селските населени места состојбата со натрупаниот отпад сè уште не е добра, но уверува дека екипите ќе продолжат со засилено темпо.

– Ограничени сме со возила, но активно работиме. Се надевам дека во следните седум до десет дена состојбата со изнесувањето на сметот ќе биде стабилизирана – рече директорот.

И покрај преземените активности, Томиќ нагласи дека „Краста“ е нестандардна депонија и дека е неопходно долгорочно решение за управувањето со отпадот.

– Се надевам дека во годините што доаѓаат ќе профункционира депонијата во Свети Николе, а „Краста“ ќе биде претворена во претоварна станица – истакна Томиќ.

Тој најави дека комуналниот отпад што секојдневно се собира во Куманово ќе продолжи да се третира со земја, со цел да се спречат нови појави на чадење, палење и загадување.

Блокадата на пристапниот пат кон депонијата „Краста“ беше прекината вчера, откако делумно беа исполнети барањата на жителите на Пчиња, Студена Бара, Вак’в и Винце. Жителите дозволија повторно депонирање на комуналниот отпад, но останаа на барањето за продолжување на санацијата и трајно решавање на проблемот со депонијата.

Сузана Андоновиќ

Radio Bum

October 13th, 2026

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *