Вести

Прекината блокадата на депонијата „Краста“, дозволено е повторно депонирање на сметот

Прекината блокадата на депонијата „Краста“, дозволено е повторно депонирање на сметот

Прекината е блокадата на патот кон депонијата „Краста“ во Куманово, откако делумно се исполнети барањата на жителите од селата Пчиња, Студена Бара, Вак’в и Винце. Со тоа повторно е овозможен пристап на возилата на ЈП „Чистота и зеленило“ за депонирање на комуналниот отпад.

Александар Илиевски, претседател на Месната заедница Пчиња, информираше дека жителите донеле одлука да ја прекинат блокадата, бидејќи дел од нивните барања се исполнети. Тој посочи дека жителите и понатаму очекуваат надлежните институции да преземат конкретни мерки за трајно решавање на повеќедеценискиот проблем со депонијата.

Илиевски во име на жителите од Пчиња, Студена Бара, Вак’в и Винце упати извинување до граѓаните на Куманово поради проблемите што ги предизвика блокадата, особено во однос на редовното собирање и изнесување на комуналниот отпад.

Со прекинот на блокадата се создадени услови ЈП „Чистота и зеленило“ повторно да го депонира отпадот и постепено да ја нормализира работата на терен.

Директорот на претпријатието, Сашо Томиќ, најави дека екипите интензивно ќе работат на собирање и изнесување на натрупаниот смет од сите населени места на територијата на Општина Куманово.

Тој упати апел до граѓаните за трпение и разбирање додека трае расчистувањето на насобраниот отпад и воспоставувањето на редовната динамика на работа на комуналните служби.

Блокадата на патот кон депонијата „Краста“ започна на 6 октомври, како израз на револт на жителите од околните села поради пожарите, чадот и непријатната миризба што подолг период се шират од депонијата. Протестот траеше приближно една недела, а во тој период беше оневозможено редовното депонирање на комуналниот отпад.

Жителите бараа целосна санација и дислокација на депонијата, како и конкретни мерки за заштита на здравјето на населението и животната средина. Тие во повеќе наврати посочуваа дека проблемот трае со децении и дека чадот од депонијата сериозно го нарушува секојдневното живеење.

Поради блокираниот пристап до депонијата, собирањето на отпадот во Куманово беше отежнато, а на повеќе локации се натрупаа поголеми количества смет.

Сузана Андоновиќ

Radio Bum

October 12th, 2026

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *