Вести
Обвинителот Лапе: Доживотниот затвор за Бојковски е единствената соодветна казна
Јавниот обвинител Владимир Лапе смета дека Основниот суд Куманово правилно ја утврдил фактичката состојба и изрекол соодветна казна доживотен затвор за Трајче Бојковски од селото Драгоманце, обвинет за четири убиства и два обида за убиство.
– Сметам дека судот правилно ја утврди фактичката состојба и изрече казна којашто е единствено можна во вакви случаи. Судот, исто како и јас претходно, не најде олеснителни околности. Правилно утврди дека станува збор за кривични дела од најтежок облик, грозоморни убиства, а од друга страна, дека за овој обвинет не постои можност за ресоцијализација. Од тие причини, според мене, ја изрече единствената казна којашто е соодветна – изјави Лапе по објавувањето на пресудата.
Во однос на постапката поврзана со лекарите, обвинителот појасни дека бил отворен посебен предмет, за кој паралелно се собирале докази додека се водела истрагата против Бојковски.
– По поднесувањето на обвинението против Трајче Бојковски, ова јавно обвинителство побара пренесување на месната надлежност, односно за предметот што се однесува на лекарите да постапува друго обвинителство, поради причини предвидени во Законот за кривичната постапка. Вишото јавно обвинителство Скопје го уважи предлогот и предметот го префрли во надлежност на скопското обвинителство. Оттогаш, Обвинителството во Куманово нема информации за понатамошното постапување по овој предмет – рече Лапе.
На новинарско прашање за евентуални пропусти во постапувањето на полициските службеници, обвинителот посочи дека во рамките на истражните дејствија што ги презел не утврдил сериозни пропусти што би можеле да им се стават на товар.
– Во истражните дејствија што ги презедов во овој кривичен предмет не утврдив дека постојат сериозни пропусти што би можеле да им се стават на товар на полициските службеници. Меѓутоа, јас не сум надлежен тоа да го утврдувам. Постои внатрешна контрола, како и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кое има посебно одделение за постапување во случаи поврзани со полициски службеници. Доколку некој друг оцени дека треба да отвори таков предмет, тоа не би бил јас – изјави обвинителот Владимир Лапе.
Сузана Андоновиќ








