Вести

Доживотен затвор за Трајче Бојковски од Драгоманце – прогласен за виновен за четири убиства и два обида за убиство

Доживотен затвор за Трајче Бојковски од Драгоманце – прогласен за виновен за четири убиства и два обида за убиство

Основниот суд Куманово денес го осуди на доживотен затвор Трајче Бојковски од село Драгоманце, Општина Старо Нагоричане, кој беше обвинет за четири убиства и два обида за убиство. Судскиот совет го прогласи за виновен по сите шест точки од обвинителниот акт на Основното јавно обвинителство.

Пресудата беше јавно објавена денес, 9 октомври 2026 година, по завршувањето на судската постапка, во присуство на обвинетиот, неговиот бранител, јавниот обвинител и полномошниците на оштетените семејства.

Судскиот совет, по спроведеното советување и гласање, утврди дека обвинетиот е виновен за сите кривични дела опфатени со обвинението, по што му ја изрече најстрогата казна предвидена во македонскиот правен систем – доживотен затвор.

Во образложението на пресудата, судот истакна дека вината на обвинетиот е утврдена надвор од секое разумно сомневање, врз основа на изведените материјални докази, биолошките и ДНК-трагите, психијатриските вештачења, како и исказите на оштетените жени и сведоците.

„Судот се соочи со еден од најтешките, најморничавите и најкомплексните предмети во поновата судска историја на оваа држава – сериско одземање човечки животи, проследено со крајно девијантно поведение“, беше истакнато при објавувањето на пресудата.

При одмерувањето на казната, судскиот совет не утврдил ниту една олеснителна околност што би можела да ја намали кривичната одговорност на обвинетиот.

Напротив, според образложението на судот, криминолошкиот профил на Бојковски укажува на сторител кој манифестира крајна изопаченост, монструозност и целосно отсуство на човечност.

Посебно беа нагласени мотивите за извршување на злосторствата, кои, според судот, биле поврзани со задоволување некрофилски нагони, како и однесувањето на обвинетиот кон жртвите по нивната смрт.

Судот оцени дека обвинетиот покажал висок степен на криминална упорност, без емпатија и каење за сторените дела.

„За ваков профил на сторител, кој претставува трајна, тешка и непредвидлива опасност за секој поединец, казната доживотен затвор е единствениот можен одговор“, беше наведено во образложението.

Судот нагласи дека целта на изречената казна е трајна изолација на осудениот од општеството и заштита на граѓаните.

Во обраќањето беше истакнато дека злосторствата предизвикале страв, несигурност и длабока вознемиреност кај граѓаните, но дека со денешната пресуда се испраќа јасна порака оти институциите имаат капацитет да ги откријат, докажат и најстрого да ги санкционираат и најтешките форми на криминал.

„Човечкиот живот е неприкосновен и свет. Секој оној кој ќе се осмели да одземе човечки живот, особено од вакви патолошки и ниски побуди, ќе се соочи со најригорозната санкција што ја познава нашиот правен систем“, порача судот.

Во изречената казна на Бојковски ќе му се пресмета и времето поминато во притвор, почнувајќи од 12 февруари 2026 година.

Обвинетиот е задолжен да ги надомести и трошоците на кривичната постапка, додека оштетените и семејствата на жртвите за остварување на своите имотно-правни барања се упатени на редовна граѓанска парница.

Судот одлучи мерката притвор да му биде продолжена до правосилноста на пресудата, односно до започнувањето на издржувањето на казната, кажа судијата Мирсад Сурои.

Сузана Андоновиќ

Radio Bum

October 9th, 2026

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *