Вести
Завршни зборови за обвинетиот Трајче Бојковски, Обвинителството побара доживотен затвор
Јавниот обвинител Љубомир Лапе побара Основниот суд Куманово да го прогласи за виновен Трајче Бојковски и да му изрече казна доживотен затвор за убиствата на четири жени и обидите за убиство на уште две. Во завршните зборови обвинителството оцени дека изведените докази ја потврдуваат вината на обвинетиот и дека постои висок ризик од повторување на кривичните дела.
„Човек на човека му е волк“, со латинската изрека Homo homini lupus est обвинителот го започна завршниот збор, а со истата порака го заврши барањето за најстрога казна.

Според обвинителството, жртви на Бојковски биле Станче Каревска, Јанка Антевска, Марија Маринковска и Мира Станковска, додека Слободка Арсовска и Росанка Трајковска ги преживеале нападите.
Лапе во завршниот збор наведе дека обвинението не се темели на признанијата на обвинетиот, туку на материјални докази, записници од увидите и ексхумациите, ДНК анализи, обдукциски наоди и судско-психијатриското вештачење.
Според обвинителството, ДНК траги од Бојковски биле пронајдени кај Марија Маринковска и Мира Станковска, како и кај преживеаната Росанка Трајковска.
Обвинителот се повика и на обдукциските наоди на Институтот за судска медицина, според кои сите четири жени починале од насилна смрт и биле убиени на ист начин – со давење и притисок врз градниот кош. Кај сите биле утврдени повреди или скршеници во пределот на вратот и градниот кош, а кај три од жртвите биле констатирани и повреди во пределот на половите органи.
Во завршните зборови беше образложена и хронологијата на истрагата. Според обвинителството, прва била убиена Станче Каревска, во јануари 2025 година, по што следувале Јанка Антевска во јуни 2025 година, Марија Маринковска во јануари 2026 и Мира Станковска во февруари 2026 година. Истрагата започнала од последниот случај и постепено се враќала наназад, со ексхумација на телата на претходно починатите жени.
Обвинителството посебно се осврна на случајот со Станче Каревска, чие убиство Бојковски го негирал во текот на судењето. Лапе посочи дека обвинетиот претходно, пред јавен обвинител и во присуство на бранител, детално го опишал начинот на кој била убиена, а тие детали, според обвинителството, се совпаѓале со судско-медицинските наоди.
За двете преживеани жени, Слободка Арсовска и Росанка Трајковска, обвинителството оцени дека нивните искази го покажуваат начинот на дејствување на обвинетиот. Според завршниот збор, станува збор за постари жени кои биле нападнати додека биле сами во своите домови, а нападите биле прекинати поради надворешни околности.
Лапе во завршниот збор се осврна и на правната квалификација и мотивите за делата. Тој наведе дека во постапувањето на обвинетиот можат да се препознаат повеќе мотиви и околности, меѓу кои подмолно постапување, родово базирано насилство и користољубие, но оцени дека доминантната околност била некрофилијата.
Според обвинителот, Бојковски избирал исклучиво жени, а обвинителството смета дека убиствата биле извршени од „други ниски побуди“, односно со намера за задоволување полови страсти врз мртви женски тела.
Лапе оцени дека поради тоа правната квалификација во обвинението е правилно поставена.
Во завршниот збор обвинителот се повика и на судско-психијатриското вештачење изготвено од три вешти лица од Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје.
Според презентираното вештачење, Бојковски бил целосно пресметлив. Обвинителот посочи дека во наодот е констатирана склоност кон прикривање, како и отсуство на чувство на вина, каење, срам, страв и емпатија кон болката на жртвите.
Во завршниот збор Лапе го цитираше заклучокот од вештачењето дека иако обвинетиот вербално кажувал дека „му е жал“ и дека „се кае“, таквите изјави биле оценети како научена вербална форма без автентична емотивна позадина. Според обвинителството, вештачењето укажува и на висок ризик од повторување на кривичните дела.
Лапе побара доживотен затвор
На крајот од завршниот збор обвинителот истакна дека отсуството на смртна казна во македонското законодавство е „цивилизациска придобивка за која се бореле генерации пред нас“, но дека општеството мора да биде заштитено преку законот и висината на затворската казна.
„Единствениот штит кој го имаме да се заштитиме себеси и општеството е Законот, којшто во конкретниот случај треба да биде видлив и спроведен преку силината и висината на изречената казна затвор“, наведе Лапе.
Тој предложи судот да го огласи Трајче Бојковски за виновен и да му изрече доживотен затвор, завршувајќи со зборовите:
„Инаку, како што кажав на почетокот, волкот може повторно да дојде помеѓу нас.“

Одбраната на Бојковски, пак, во завршните зборови побара Судот при одлучувањето и одмерувањето на казната да ги земе предвид олеснителните околности.
Бранителот посочи дека обвинетиот се кае за сторените дела и побара да бидат ценети и останатите околности кои одат во негова корист.
Пресудата, Судот ќе ја изрече на 9 октомври.
Сузана Андоновиќ








