Вести

Трајко Бојковски од Драгоманце пред судот кажа дека убил три баби

Трајко Бојковски од Драгоманце пред судот кажа дека убил три баби

Ги напаѓал беспомошните жени за пари, пред судот кажа дека барал храна кај нив, јадел и ги давел.

Трајко Бојковски од Драгоманце денес пред судот кажа дека убил три баби, иако обвинението го товари за четири убиства и две убиства во обид. На рочиштето сведочеше и проф. д-р Стојан Бајрактаров, психијатар од Универзитетската клиника во Скопје, кој посочи дека кај обвинетиот не се утврдени болести или состојби поради кои би требало да биде сместен во психијатриска установа и дека бил во состојба на пресметливост.

Во продолжението на судењето Бојковски беше испитуван за делата што му се ставаат на товар. На прашање на судијата Мирсад Сурои, со климање на главата потврди дека може да одговара на прашањата, но во текот на сослушувањето инсистираше дека убил три жени.

Во однос на убиството на Станче Каревска во Клечовце во јануари 2025 година, Бојковски најпрво одговори потврдно, а потоа го негираше делото. Тој кажа дека не ја лишил од живот Каревска, дека воопшто не бил во Клечовце и дека не знае ништо за настанот.

За Јанка Антевска од Драгоманце, на прашањето дали бил кај неа во периодот од 5 до 7 јуни 2025 година, Бојковски одговори потврдно и кажа дека се кае.

Тој потврди и дека на 22 јули 2025 година бил кај Слободка Арсовска во Челопек, но кажа дека отишол поради пари. Според неговото објаснување, откако слушнал дека кучето лае, се исплашил и избегал без да земе пари.

Во однос на Марија Маринковска од Старо Нагоричане, за која обвинението го товари дека ја убил во периодот меѓу 17 и 18 јануари 2026 година, Бојковски одговори потврдно и кажа дека се кае.

За Мира Станковска од Челопек, обвинетиот најпрво негираше дека ја убил, но по дополнителните прашања, меѓу кои и за биолошките траги пронајдени под ноктите, за кои на рочиштето беше посочено дека се идентични со неговите, одговори потврдно и кажа дека се кае.

Бојковски потврди и дека на 9 февруари 2026 година бил кај Росанда Трајковска во Челопек. Кажа дека отишол поради пари, дека ги зел парите и дека се обидел да ја задави, при што со рацете го покажа движењето околу вратот. И за овој настан кажа дека се кае.

Бајрактаров: Знаел да препознае опасност и да преземе чекори за да се спаси

Значаен дел од денешното рочиште беше сведочењето на проф. д-р Стојан Бајрактаров, психијатар кој учествувал во изготвувањето на стручниот наод за Бојковски.

Бајрактаров посочи дека кај обвинетиот не се утврдени болести или состојби поради кои би требало да биде сместен во психијатриска установа и дека, според стручниот наод, бил во состојба на пресметливост.

Психијатарот се осврна и на способноста на Бојковски да ги разбере околностите, да препознае опасност и да реагира на неа.

Како пример го наведе настанот поврзан со Слободка Арсовска. Бајрактаров посочи дека Бојковски знаел дека нејзиниот син има бел автомобил и кога се исплашил дека може да дојде, избегал.

Според психијатарот, ваквото однесување покажува дека обвинетиот знаел да воочи опасност, да реагира и да планира како да се спаси, како и целисходно да ги опише своите постапки.

Бајрактаров зборуваше и за начинот на кој Бојковски се претставува во постапката. Според него, евентуалното прикажување на себеси како неспособно лице може да претставува „секундарна добит“, односно настојување да извлече корист за сопствената положба пред судот.

На прашање на бранителот по службена должност, адвокатот Тони Цветковски, за ризикот од повторување на делата и како тој би можел да се намали во иднина, Бајрактаров посочи дека казната има функција и да го заштити општеството, а во казнено-поправните установи постојат стручни лица и инструменти за работа со осудени лица, вклучително и психосоцијална реедукација.

Тој нагласи дека кај Бојковски не се утврдени болести ниту состојби што би наложиле сместување во психијатриска установа, туку дека тој бил пресметлив.

Обвинителството го соочи со претходниот исказ

Во текот на сослушувањето, обвинителот Владимир Лапе го соочи Бојковски со исказот што го дал на 8 мај 2026 година во обвинителството, во присуство на неговиот тогашен адвокат Драган Трајковиќ. Бојковски го препозна својот потпис на записникот.

Според обвинителот, во тој исказ Бојковски детално зборувал за жените опфатени со обвинението и признал дека четири жени ги убил поради сексуални мотиви. Денес, пак, на прашањето колку жени убил поради секс, Бојковски одговори – три.

Лапе го праша конкретно и за Станче Каревска, потсетувајќи дека во претходниот исказ Бојковски признал дека ја убил и дал детали за настанот, додека денес пред судот го негираше тоа убиство.

Лапе: Кај јавниот обвинител ги призна кривичните дела

По рочиштето, обвинителот Лапе изјави дека Бојковски давал различни одговори во однос на четирите убиства што му се ставаат на товар.

„Мислам дека и самиот не знаеше кое конкретно кривично дело го негира, а на вкрстените прашања фактички одговараше потврдно. Анализа на ваквата одбрана ќе дадеме во завршните зборови“, рече Лапе.

Тој нагласи дека Бојковски пред јавниот обвинител ги признал кривичните дела, а обвинителството располага и со други материјални докази со кои, според него, се поткрепува обвинението.

„Начинот на одбрана е негово право. Тој смета дека така веројатно ќе си ја олесни состојбата“, рече обвинителот.

Лапе се повика и на сведочењето на Бајрактаров, посочувајќи дека и психијатарот во своето вештачење се осврнал на однесување на обвинетиот насочено кон олеснување на сопствената положба.

Поради потешкотиите на Бојковски со говорот беше побарано присуство на логопед, но судот го одби барањето како правно неосновано.

Со денешното рочиште заврши доказната постапка. Завршните зборови се закажани за 6 октомври во 12 часот.

Сузана Андоновиќ

Radio Bum

September 28th, 2026

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *