Вести
Локализиран пожарот на депонијата Краста, Томиќ: Проблемот ги надминува капацитетите на ЈП „Чистота и зеленило“
Пожарот на депонијата Краста кај Куманово е локализиран, информираа денес од Регионалниот центар за управување со кризи. Пожарот изминатите денови предизвика големо количество чад и сериозни проблеми за жителите на околните населени места, особено на селото Пчиња.
Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ – Куманово, Сашо Томиќ, вели дека состојбата била особено тешка поради силниот јужен ветер, кој дополнително го разгорувал пожарот и го отежнувал неговото ставање под контрола.

„Деновиве имавме сериозен проблем со депонијата Краста. Големиот пожар, дополнително беше разгорен од силниот јужен ветер. Преземавме сè што можевме со ресурсите со кои располагаме. Уште пред месец-два побаравме помош од сите релевантни институции – Владата, министерствата, Центарот за управување со кризи и Министерството за животна средина, но одговорите што ги добивме се дека надлежноста за решавање на проблемот со депонијата е на Општина Куманово“, изјави Томиќ.
Тој посочува дека станува збор за повеќедецениски проблем и дека целосно го разбира револтот на жителите кои се најдиректно погодени од чадот.

„Потполно го разбирам револтот на месното население. Чадот што се создава таму им нанесува големи проблеми. Ги разбираме и ги поддржуваме нивните барања. Нашите вработени прават сè што можат, но ресурсите со кои располагаме се скромни, а површината на депонијата е огромна. Овој проблем ги надминува капацитетите на јавното претпријатие“, рече Томиќ.
Во справувањето со пожарот помага и Територијалната противпожарна единица Куманово со возила, опрема и пожарникари. Томиќ им се заблагодари на пожарникарите и на вработените во јавното претпријатие за ангажманот во изминатите денови.
Тој најави и состанок кај градоначалникот Максим Димитриевски, на кој треба да присуствуваат и кумановските пратеници и претставници на месното население од Пчиња, со цел да се разговара за натамошните чекори и можната помош во опрема и механизација.

Според Томиќ, депонијата е оградена и има 24-часовен мониторинг од стражарската служба, но станува збор за голема површина која тешко може целосно да се контролира.
Долгорочно решение треба да биде регионалниот систем за управување со отпад. Според информациите со кои располага Томиќ, за околу три до три и пол години треба да профункционира регионалната санитарна депонија во Свети Николе, каде што ќе се одлага отпадот од општините од Североисточниот и Источниот регион.
„Тогаш тоа ќе биде спас за месното население. Депонијата Краста треба да биде затворена и да стане претоварна станица. Дотогаш, за жал, овој проблем ќе остане актуелен“, изјави Томиќ.
Сузана Андоновиќ








