Вести
„Повторно гори Краста, жителите бараат итно решение за депонијата“
Жителите на Пчиња и околните села повторно бараат итна реакција од надлежните институции поради честите пожари на депонијата Краста. Велат дека последните шест месеци состојбата станала неподнослива, пожарите се повторуваат на секои неколку дена, а чадот и непријатната миризба се шират низ повеќе населени места. Бараат трајно решение од Општина Куманово, Министерството за животна средина и Владата.
Претседателот на Месната заедница Пчиња, Александар Илиевски, вели дека проблемот со депонијата е децениски, но дека во последните шест месеци жителите особено често се соочуваат со пожари и чад.

Според него, претставници на месните заедници досега одржале состаноци со претставници на Општина Куманово, а испраќале и официјални дописи до институциите. Сепак, како што вели, трајно решение сè уште нема.
„Повеќе од шест месеци во Пчиња се чувствуваат чад и непријатна миризба од депонијата Краста. Во летните денови граѓаните не можат ниту да ги отворат прозорците. Апелиравме до надлежните во Општина Куманово, имавме состаноци, испративме документација и до Владата, а нашите барања беа препратени и до Министерството за животна средина. Сепак, проблемот сè уште не е решен.
Во овој дел има повеќе села со илјадници жители. Ние живееме и работиме тука, голем дел од населението се занимава со земјоделство и по десет часа дневно е на нивите. Нашите деца наутро, пред да одат на училиште, го дишат овој чад. Последните шест месеци депонијата гори на секои два-три дена.

Не бараме ништо повеќе од тоа надлежните да си ја преземат работата и да најдат трајно решение. Апелираме и до Владата да нè прими, да разговараме и конечно да го решиме овој децениски проблем. Ова не е проблем само на Пчиња и околните села. Кога дува јужен ветер, чадот се шири и кон Куманово, затоа бараме поддршка и од граѓаните на градот“, изјави Илиевски.
Тој посочи дека на една од претходните средби биле утврдени повеќе активности кои требало да се преземат на депонијата. Според него, досега делумно биле реализирани само поставувањето камери и оградувањето на просторот.
На проблемот реагира и Раде Спасовски, претставник на Месната заедница Горно Коњари, кој вели дека чадот од Краста не го погодува само Пчиња, туку и повеќе околни населени места.

„Состојбата со депонијата Краста станува сè потешка. Само оваа година, според нашата проценка, над 45 денови сме биле во ваков чад. Испративме официјални дописи, меѓу кои и до Владата и Министерството за животна средина, но проблемот и понатаму останува.
Ова не го засега само едно село, туку повеќе населени места и илјадници жители. Покрај проблемот со депонијата, со децении се соочуваме и со проблеми со водоснабдувањето. Луѓето се прашуваат како да останат да живеат овде и како младите да ја гледаат својата иднина во овие села.
Затоа уште еднаш директно апелираме до Владата и до надлежното министерство да ги активираат службите и да се најде трајно решение. Не бараме проблемот да се префрла од една на друга институција, туку конечно да се преземат конкретни мерки“, изјави Спасовски.

Жителите предупредуваат дека проблемот не останува само во непосредната околина на депонијата. Според нив, при одредени временски услови и јужен ветер, чадот и непријатната миризба се шират и кон Куманово.
Тие бараат надлежните институции да излезат на терен и да преземат конкретни мерки за трајно решавање на проблемот со Краста, наместо, како што велат, одговорноста да се префрла од една институција на друга.
Жителите стравуваат дека доколку состојбата продолжи, условите за живот дополнително ќе се влошуваат и сè повеќе млади семејства ќе ги напуштаат селата.
Сузана Андоновиќ








