Вести

Игор Џамбазов лауреат на „Денови на комедија“, паричниот дел од наградата го донира за Јована Станковска

Игор Џамбазов лауреат на „Денови на комедија“, паричниот дел од наградата го донира за Јована Станковска

Актерот, музичар и шоумен Игор Џамбазов е годинашен добитник на наградата за животно дело „Васил Иљоски“ на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ во Куманово. Примајќи го признанието, Џамбазов се потсети на своите средби со големиот кумановски драмски автор Васил Иљоски, зборуваше за својата долгогодишна поврзаност со театарот и Куманово, а паричниот дел од наградата одлучи да го донира за лекување на Јована Станковска.

„Дедо ми Петре велеше: ’Штом ти даваат награда за животно дело – готов си‘. Само јас не се давам. Следната година одам во пензија и веројатно ќе бидам најактивниот пензионер во Македонија. Сè уште сум активен, сè уште ме држат нозете“, рече Џамбазов.

„Навистина е чест да се добие награда која го носи името на човек што лично сум го познавал“, рече Џамбазов, потсетувајќи дека неговиот дедо, актерот Петре Прличко, и Васил Иљоски биле големи пријатели.

Тој раскажа дека како дете бил присутен на една од нивните последни средби во Клубот на уметниците во Скопје и дека двајцата починале во период од само петнаесетина дена во 1995 година.

Со препознатливиот хумор, Џамбазов зборуваше и за својата кариера и пензионирањето кое го очекува следната година.

На кумановската публика ѝ порача дека има посебна врска со градот и со генерации актери кои потекнуваат од Куманово.

„Ги сакам кумановци, знам дека и кумановци ме сакаат мене“, рече Џамбазов, потсетувајќи дека во текот на кариерата соработувал со голем број познати кумановски актери.

Особено емотивен момент следуваше кога Џамбазов откри дека паричниот дел од наградата ќе го подари за хуманитарни цели.

Тој рече дека по пристигнувањето во Куманово дознал дека признанието „Васил Иљоски“ има и паричен дел и одлучил средствата да ги донира за Јована Станковска, голема љубителка на театарот и уметноста од Куманово, која се соочува со здравствени проблеми и за која Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ претходно организираше хуманитарна акција.

„Животот го имам оставено на даските што живот значат, а мене тие даски навистина ми значат живот“, рече Џамбазов.

Со врачувањето на наградата за животно дело „Васил Иљоски“ на Игор Џамбазов беше отворено новото издание на 29- тиот Меѓународен театарски фестивал „Денови на комедија“ во Куманово.

Сузана Андоновиќ

Radio Bum

September 23rd, 2026

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *