Вести

30 телесни камери за цариниците на Табановце, Ќафасан и Блаце – нова алатка против корупцијата

30 телесни камери за цариниците на Табановце, Ќафасан и Блаце – нова алатка против корупцијата

Царинските службеници на граничните премини Табановце, Ќафасан и Блаце ќе користат телесни камери при извршувањето на службените задачи. Системот со 30 телесни камери е обезбеден како донација преку Меѓународната програма за обука и помош при водење криминалистички истраги (ICITAP), во рамки на Кривичниот оддел при Министерството за правда на САД. Донацијата опфаќа и целокупен систем и инфраструктура, а спроведени се и обуки за корисници, супервизори, администратори и обучувачи.

Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, на официјалното ставање на камерите во употреба на граничниот премин Табановце истакна дека со нив се воведува нов стандард во работењето – за поголема професионалност, транспарентност, одговорност и безбедност.

„Со обезбедените 30 телесни камери, заедно со целокупниот систем, инфраструктурата и спроведените обуки за корисници, супервизори, администратори и обучувачи, ние не добиваме само технологија. Добиваме систем кој треба да даде конкретни резултати во секојдневното работење“, рече Николовски.

Во првата фаза камерите ќе се користат на трите гранични премини – Табановце, Ќафасан и Блаце, каде царинските службеници секојдневно се соочуваат со различни оперативни ситуации, голем број патници и превозници и значителен проток на стока.

Според Николовски, една од најважните придобивки од новата технологија е поголемата заштита и на граѓаните и на царинските службеници.

„Телесната камера е заштита и за граѓаните и за царинските службеници. Таа создава објективен запис за службеното постапување. Тоа значи дека кога нашиот службеник постапува законски, професионално и одговорно, постои објективна потврда за неговото работење. Истовремено, граѓанинот има дополнителна гаранција дека постапката се спроведува согласно правилата. Ова е заштита за двете страни во постапката“, истакна Николовски.

Камерите ќе го забележуваат евентуалното несоодветно однесување на царинските службеници, но и однесувањето на патниците, превозниците и економските оператори.

Како втора значајна придобивка, Николовски ја посочи превенцијата и борбата против корупцијата.

„Царинската управа има јасна определба – нема место за корупција и злоупотреба на службените овластувања. Телесните камери сè уште една алатка во исполнувањето на оваа определба. Секое службено постапување што е документирано создава поголема одговорност и помал простор за неправилности. Нашата цел не е само да откриеме неправилност откако ќе се случи, нашата цел е да создадеме средина во која неправилностите и злоупотребите ќе се спречат“, рече директорот.

Тој нагласи дека новата технологија треба да придонесе и за поголема транспарентност и доверба во Царинската управа.

„Довербата кај граѓаните не се гради само со зборови. Таа се гради со начинот на кој работиме секој ден, на секој граничен премин, со секој патник, со секој економски оператор и во секоја службена постапка. Телесните камери ќе помогнат нашето работење да биде попроверливо, а постапувањето поодговорно“, истакна Николовски.

Системот е поставен така што пристапот до снимениот материјал е контролиран, а активностите се евидентираат, со што треба да се обезбедат проверливост и институционална одговорност.

Од примената на камерите Царинската управа очекува поголема професионалност и дисциплина, подобра комуникација со граѓаните, поголема безбедност за службениците, помал ризик од злоупотреби и корупција и поголема доверба во институцијата.

Николовски потенцираше дека телесните камери се само еден дел од процесот на промени што се спроведува во Царинската управа и дека технологијата сама по себе не е доволна.

„Најважни се луѓето кои ја користат и начинот на кој ја користат. Затоа очекувам од нашите колеги на овие гранични премини да ја користат опремата одговорно, доследно и професионално, согласно утврдените правила, а од нас како раководство очекувам да обезбедиме системот да функционира како што е предвидено и соодветно да ги мериме резултатите што ќе ги постигнеме“, рече Николовски.

Тој додаде дека Царинската управа мора да биде модерна и професионална институција во која граѓаните имаат доверба, но и институција во која секој чесен и професионален царински службеник знае дека неговата работа е заштитена и проверлива.

Николовски се заблагодари на Амбасадата на Соединетите Американски Држави, програмата ICITAP, Министерството за финансии и сите вклучени во реализацијата на проектот, најавувајќи дека соработката ќе продолжи преку нови алатки и градење капацитети за поголема одговорност, безбедност и интегритет во царинското работење.

Вршителката на должноста амбасадор на САД во Северна Македонија, Никол Варнес, истакна дека донацијата на системот е повеќе од предавање опрема и претставува потврда на заедничката посветеност на двете земји кон транспарентноста, отчетноста и владеењето на правото.

„Соединетите Американски Држави веруваат дека силните институции се основа за безбедно и просперитетно општество. Денешното предавање на опремата е израз на заложбите на Владата на САД за градење ефикасни партнерства кои истовремено ги унапредуваат интересите на САД и интересите на нашите партнери“, истакна Варнес.

Таа посочи дека преку поддршката на царинските операции се создава побезбедна средина за трговија, патување и инвестиции, што треба да донесе придобивки за двете земји.

Според Варнес, американската поддршка е насочена кон зајакнување на демократските институции, спречување на корупцијата и поддршка на економскиот раст.

„Со оваа донација се стремиме кон зајакнување на демократските институции, спречување на корупцијата и поддршка на економскиот раст. Мобилните камери ќе ѝ помогнат на Царинската управа да ја подобри транспарентноста, да ги спречи нелегалните активности и да ја зајакне довербата на јавноста“, рече Варнес.

Посебен акцент беше ставен на борбата против трговијата со дрога и луѓе и организираниот криминал.

Варнес истакна дека царинските службеници се на првата линија кога станува збор за откривање нелегални супстанции, забранети стоки и криминални активности што ги преминуваат границите.

„Опремувајќи ги царинските службеници со модерна технологија, им овозможуваме своите должности да ги извршуваат поефикасно“, нагласи Варнес.

Таа порача дека Соединетите Американски Држави остануваат посветени на поддршката на напорите на Северна Македонија за зајакнување на безбедноста и стабилноста на нејзините граници, како и на унапредувањето на отчетноста и транспарентноста во институциите.

На крајот Варнес им се заблагодари на вработените во Царинската управа за нивната посветеност и професионализам, како и на сите кои работеле на реализацијата на проектот.

Сузана Андоновиќ

Radio Bum

September 17th, 2026

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *