Вести
Николовски: Царината ќе преземе мерки за осомничениот помошник-директор, постапката ја води Обвинителството
Царинската управа ќе ги преземе сите мерки што се во нејзина надлежност во случајот со помошник-директорот осомничен за примање мито, изјави директорот на Царинската управа, Бобан Николовски. Тој посочи дека постапката ја води надлежното обвинителство, а апсењето го извршила полицијата, поради што царината ќе ја чека комуникацијата со надлежните органи пред да ги преземе следните мерки.
Николовски, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе бидат спроведени дополнителни внатрешни контроли и дали ќе се преиспитаат јавните набавки во кои учествувал осомничениот, рече дека Царинската управа ќе постапи во рамките на своите надлежности.
– Ние како Царинска управа апсолутно ќе преземеме сè што е во наша надлежност. Меѓутоа, оваа постапка ја води надлежното обвинителство, полицијата го изврши апсењето, така што ќе ја чекаме комуникацијата со нив и потоа ќе ги преземеме нашите мерки, како што преземавме и за сите досега осомничени кои беа во нашите редови – изјави Николовски.
Тој нагласи дека Царинската управа нема да толерира криминал во сопствените редови, без оглед на позицијата на вработениот.
– Секој за кого ќе се утврди сомнение дека сторил криминално дело во рамките на Царинската управа ќе биде жестоко санкциониран – рече Николовски.
Во однос на сомнежите за мито и јавната набавка, директорот посочи дека Царината засега нема детални информации за која конкретна набавка станува збор.
– Детали немаме, Обвинителството го работи случајот. Не би сакал да говорам за да не направиме несакани реперкусии во самиот случај. Знаеме дека е побарано мито за да се помогне одредена фирма да добие одредена јавна набавка, но детално не знаеме за која набавка станува збор – изјави Николовски.
Тој потсети дека уште на 14 април, Денот на Царината, испратил порака до вработените дека раководството „беспрекорно и жестоко“ ќе се бори против криминалот во сопствените редови, додавајќи дека таквиот пристап се применува без оглед дали станува збор за службеници на пониски или повисоки позиции.
Сузана Андоновиќ








