Вести

Куманово доби пет комунални возила, најавени електрични автобуси и почести возови до Скопје

Куманово доби пет комунални возила, најавени електрични автобуси и почести возови до Скопје

Пет нови комунални возила доби Општина Куманово како донација обезбедена преку Министерството за транспорт во соработка со Светска банка. Министерот за транспорт Александар Николоски, кој денес во Куманово изврши примопредавање на возилата, најави продолжување на инвестициите во градот, пристигнување електрични автобуси и зголемување на фреквенцијата на возовите меѓу Куманово и Скопје. Градоначалникот Максим Димитриевски се извини на граѓаните за нередовното собирање на сметот и изрази очекување дека со новите возила проблемот ќе биде надминат до крајот на годината.

Министерот за транспорт Александар Николоски истакна дека станува збор за најголемата набавка на комунални возила што општините ја добиле како директна донација во изминатиот период. По Скопје, како што рече, најголем број возила добива Куманово.

– Како што веќе јавноста е информирана, Министерството за транспорт во соработка со Светска банка направи една поголема набавка на комунални возила, односно најголема којашто општините ја виделе како директна донација во изминатиот период. Дел од таа набавка и дел од таа донација доаѓа во Општина Куманово. Не затоа што сум тука, но после Скопје најмногу возила добива токму Општина Куманово и мислам дека е така правилно, затоа што се работи за најголемата општина на територијата на државата – рече Николоски.

Куманово добива вкупно пет комунални возила – две мултифункционални возила за одржување на хигиената и подигнување на сметот, еден камион-прскалка и две возила за метење улици.

– Тука имаме две мултифункционални возила за одржување на хигиената, со соодветен механизам којшто можевте да го видите, кои доста ќе помогнат во подигнувањето на сметот. Понатаму, имаме еден камион-прскалка којшто ќе овозможи да имаме почисти улици, да се перат улиците, но исто така има можност да носи и техничка вода во кризни ситуации или во ситуации кога има недостаток на вода или прекин во водоснабдувањето. И, секако, тука се две возила за метење улици, коишто ќе помогнат, покрај тоа да имаме чисти улици, да имаме и чисти тротоари, чисти плоштади и чисти отворени површини – изјави Николоски.

242 милиони денари во првиот и 328 милиони денари во вториот повик

Николоски рече дека со донацијата продолжува поддршката за Општина Куманово, која, според него, била интензивна и во изминатиот период.

– На овој начин продолжуваме со поддршката за Општина Куманово, којашто и во изминатиот период беше интензивна. Знаете дека имавме два повици за поддршка на општините. Во првиот повик се обезбедени околу 242 милиони денари , во вториот повик околу 328 милиони денари. Дополнително на тоа, преку буџетот на Министерството за транспорт имаме некаде околу еден милон кои што се инвестираат во изградба на мост, инвестираме во изградба на капела, како и во изградба на локални улици во проект со Светска банка и ќе продолжиме тоа да го правиме во следниот период – рече Николоски.

Според бројките што ги соопшти министерот, преку двата повика станува збор за околу 570 милиони денари.

Тој ја пофали работата на градоначалникот Димитриевски и најави дека во следниот период во Куманово треба да пристигнат и електрични автобуси.

– Градоначалникот Димитриевски прави одлична работа тука и сè она што можеме да го направиме, ќе го направиме за да ја поддржиме неговата работа. Би сакал да најавам, исто така, дека во следниот период ќе пристигнат и електрични автобуси во Куманово, така што се обидуваме да помогнеме секаде онаму каде што можеме – рече Николоски.

Николоски: Градежништвото станува основен двигател на економијата

Одговарајќи на новинарски прашања, министерот се осврна и на растот во градежниот сектор, посочувајќи дека не станува збор за раст само во второто тримесечје од годинава, туку за континуитет.

– Се работи за висок раст и раст којшто не е феномен само за вториот квартал, второто тримесечје на оваа година, туку е континуитет уште од минатата година. Ние во 2024 година ги поставивме темелите, базата, ги поставивме проектите и веќе од 2025 година гледаме силен раст во делот на градежништвото. Секој квартал е далеку, далеку над она што било просек претходно – изјави Николоски.

Според него, второто тримесечје е историски највоко, а вредноста на завршените градежни работи достигнала околу242 милиони евра за само три месеци .

– Ова е историски највисок квартал, највисоко тримесечје. Вкупно завршените работи се околу 242 милиони евра за само три месеци. Споредено со истиот период минатата година, растот е околу 22 проценти, а и минатата година имаше раст. Така што, навистина, градежништвото станува основен двигател на економијата и ќе продолжиме тоа да го правиме во следниот период, да реализираме уште бројни проекти коишто ќе значат сериозен раст на градежништвото, а со тоа и на бруто-домашниот производ – рече Николоски.

Се работи на почести возови Куманово – Скопје

На прашањето дали, со оглед на зголемувањето на цените на автобускиот превоз меѓу Куманово и Скопје, се планира подобро железничко поврзување кое би им го олеснило трошокот пред сè на студентите и работниците кои патуваат до Скопје, Николоски рече дека интензивно се работи на тоа.

– Да, тоа е нешто на што интензивно работиме и мислам дека е идеја којашто треба да се користи. Минатата недела стартуваше градскиот воз во Скопје, веќе ефектите се добри. Имаме1.500 патници за само три дена . Очекувам во навистина брзо време да стигнеме до 100.000 патници коишто го користеле градскиот воз – рече Николоски.

Како втор проект тој го посочи меѓуградскиот воз меѓу Скопје и Куманово.

– Знаете дека пилот има и во моментов два пати дневно сообраќа возна линија. Работиме заедно со Железници Транспорт на интензивирање и зголемување на фреквенцијата, затоа што цените се далеку, далеку поевтини. Во моментов 87 денари е карта во еден правец, 140 повратна, а 1.850 денари е месечна карта, што е далеку поевтино од кој било друг превоз којшто може да се најде. Да не зборувам дека со кола или со автобус не знаете кога ќе стигнете, колкава ќе биде гужвата итн. Така што, возот дефинитивно е најбрзо средство за комуникација, најевтино, а и најеколошко. Ќе правиме силна промоција во следниот период да се користи – изјави Николоски.

Димитриевски: Петте возила значително ќе го подигнат капацитетот на јавното претпријатие

Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски се заблагодари за донацијата, оценувајќи дека таа не е скромна и дека петте нови возила значително ќе го зголемат капацитетот на јавното претпријатие.

– Сакам да искажам благодарност што се одѕваа на нашиот повик да ѝ помогнат на Општина Куманово со оваа донација, која за нас не е скромна. Се работи за пет возила кои значително ќе го подигнат капацитетот на нашето јавно претпријатие, кое веќе со децении, знаеме, се соочува со сериозни финансиски проблеми – рече Димитриевски.

Градоначалникот во оваа прилика јавно им се извини на граѓаните поради нередовното собирање на сметот во градот, особено во приградските населби, наведувајќи дека причината се зачестените дефекти и техничките проблеми со постојните возила.

– Во оваа прилика сакам да се извинам, во мое лично име и во име на директорот на јавното претпријатие, за нередовното сервисирање на сметот во градот, на сите граѓани, особено во приградските населби, поради зачестените дефекти и технички проблеми со возилата кои ги имаме на располагање. Се надевам дека веќе до крајот на годината ќе го надминеме со заеднички сили овој проблем – рече Димитриевски.

Следуваат капелата, мост на Крива Река кај Довезенце и улици

Димитриевски посочи дека Општина Куманово, покрај оваа донација, аплицирала и на повеќе повици на Владата и Министерството за транспорт, кои, како што рече, добиле позитивен одговор.

– Општина Куманово, покрај оваа донација која ја доби директно од Владата преку ресорното министерство, дополнително аплицираше и на поголем број повици и во Владата и во ресорното Министерство за транспорт и сите се одговорени позитивно. Во моментов се имплементира проектот за реконструкција на градската капела. Дополнително ќе следува и првата изградба на мост на територијата на Општина Куманово, конкретно на локација на Крива Река, кај селото Довезенце и дополнително уште други инфраструктурни проекти со изградба на улици – изјави Димитриевски.

Тој оцени дека Куманово, по подолг временски период, има одлична соработка со централните власти.

– Она што за нас е битно е дека Куманово после подолг временски период има одлична соработка со централните власти и тоа е евидентно со добивањето вакви донации – рече градоначалникот.

Нов јавен повик за превоз на повеќе од 28 линии

Димитриевски се заблагодари и за најавената помош со возила за организирање на јавниот превоз во Куманово, која доаѓа во период кога Општината се подготвува за нов јавен повик.

– Му се заблагодарувам на министерот што најави и позитивно се имаат произнесено на нашиот повик да добиеме дел од помошта во однос на возилата за организирање на јавниот превоз во градот. Тоа токму се поклопува во период кога Општина Куманово ќе распишува нов јавен повик за избор на нов приватен партнер во градот за организација на јавниот превоз на повеќе од 28 линии во градот – рече Димитриевски.

Градоначалникот додаде дека соработката со централната власт ќе продолжи и дека Куманово, како најголема општина во државата, е меѓу општините на кои треба да им се помогне согласно бројот на жители.

– Во минатото имало скромни помошти, но секогаш централните власти се однесувале кон едни како мајка, кон други како маќеа. Но сега веќе со оваа Влада тоа не е случај. Рамномерно се распределуваат средствата по глава на жител, на секоја општина подеднакво. Еве, денес гледаме со овие пет возила дека тоа се почитува во целост, а верувам дека, министре, овој пат и Куманово доби малку повеќе од тоа што го бараше – изјави Димитриевски.

На крајот тој ги повика и претставниците на државните институции во Куманово да го следат примерот на Општината и да поднесуваат барања до државата за поддршка.

– Апелирам особено до институциите да го следат примерот на Општина Куманово, да поднесуваат барања до државата, па многу често може да се случи, ете вака, да добијат донација – порача Димитриевски.

Сузана Андоновиќ

Radio Bum

September 7th, 2026

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *