Вести
Китановиќ- Никогаш нема да се откажам од сопственото достоинство и семејното сеќавање
Далибор Китановиќ се огласи во јавноста по реакциите што ги предизвика негова објава на социјалните мрежи поврзана со генералот Ратко Младиќ.
Тој наведува дека објавата ја избришал речиси веднаш и се извинува на сите кои се почувствувале повредени, но истовремено тврди дека реакциите што следувале прераснале во, како што ги нарекува, „организирана политичка и медиумска пресметка“ и „обид за политички линч“.
Китановиќ вели дека со ниту една своја постапка, ниту во приватниот живот ниту при извршувањето јавна функција, свесно не навредил, понижил или повредил припадник на кој било народ, вера или етничка заедница.
„Целиот мој живот сум го градел врз почитување на човекот, соживотот и солидарноста, помагајќи им на луѓето без да прашувам како се викаат, на кој јазик зборуваат или на кој народ му припаѓаат“, наведува Китановиќ.
За спорната објава тој вели дека ја избришал речиси веднаш, но нагласува дека нема да се откаже од, како што вели, „вистината на сопственото семејство“.
Китановиќ тврди дека дел од неговото најблиско семејство во Босна и Херцеговина ги преживеало воените околности благодарение на единици предводени од Ратко Младиќ и дека неговото лично чувство на благодарност поради тоа не значи негирање или омаловажување на туѓите жртви и страдања.
„Моето лично чувство на благодарност за спасените членови на моето семејство никогаш не било, ниту ќе биде, негирање или омаловажување на туѓата болка, туѓите жртви и туѓите загуби“, наведува Китановиќ.
Тој оценува дека реакциите по објавата ги надминале границите на легитимната критика и прераснале во политичка и медиумска пресметка.
Сузана Андоновиќ








