Вести

<strong>Преживеаните жртви сведочеа против Бојковски, одбраната бара сослушување на вештаците</strong>

Преживеаните жртви сведочеа против Бојковски, одбраната бара сослушување на вештаците

Во Основниот суд Куманово денес продолжи судскиот процес против Трајко Бојковски, обвинет за четири убиства и два обиди за убиство на жени. На второто рочиште сведочеа две од преживеаните жртви, а новиот бранител на обвинетиот, адвокатот Тони Цветковски, побара пред судот да бидат сослушани психијатрите и психолозите кои го изготвиле вештачењето за обвинетиот. Обвинителот Владимир Лапе посочи дека постојното вештачење е јасно и дека Бојковски е целосно пресметлив.

Преживеаните жртви денес со тешкотии пред судот се потсетуваа на нападите што ги преживеале.

Росанка Трајковска, родена во 1939 година, од селото Челопек, сведочеше дека обвинетиот околу еден час ја тепал и ја допирал по телото.

– Кога слушна звук, престана. Веројатно се исплашил дека некој доаѓа и избега. Нека каже зошто ме тепаше и зошто се обиде да ме силува – рече Трајковска пред судот.

Слободка Арсовска, родена во 1943 година, која исто така живее во Челопек, раскажа дека обвинетиот го затекнала во ходникот од нејзината куќа откако станала да оди во тоалет.

– Тој стоеше во ходникот. Двапати го прашав како влегол тука и кој го пуштил, но цело време молчеше. Кога го прашав по третпат, ме нападна и почна да ме дави. Во тој момент викнав: „Јоване, Јоване!“, по мојот син. Тој помисли дека син ми е тука, ме пушти и избега. Кога ме пушти, немав воздух да дишам. Сум паднала во бессознание, а потоа се сеќавам дека во утринските часови лежев на подот и во куќата немаше никој – сведочеше Арсовска.

На денешното рочиште обвинетиот имаше нов бранител по службена должност, адвокатот Тони Цветковски, кој побара од судот како сведоци да бидат повикани вештите лица – психијатри и психолози кои учествувале во изготвувањето на вештиот наод и мислење за обвинетиот.

Цветковски рече дека барањето го поднел имајќи го предвид психолошкиот профил на обвинетиот и заклучокот на вештите лица дека постои висок ризик од повторување на кривични дела.

– Обвинетиот сигурно ќе биде осуден, ќе биде донесена одлука со која ќе биде огласен за виновен и, според материјалните докази кои се наоѓаат во списите на предметот, најверојатно ќе биде осуден на казна затвор. Меѓутоа, тоа не значи дека во иднина нема да се однесува така како што предвидуваат вештите лица. Ги предложив за да се произнесат пред судот на кој начин би можела да се елиминира таа опасност – изјави Цветковски.

Според него, треба да се разгледа и можноста за изрекување мерка за безбедност предвидена во Кривичниот законик, доколку за тоа постојат законски услови.

– Станува збор за мерка за безбедност која е предвидена во Кривичниот законик, а со која може да се елиминира опасноста на која укажуваат вештите лица во својот наод и мислење – рече Цветковски.

Новиот бранител побара и обвинетиот да биде сослушан за сите околности наведени во обвинителниот акт.

На следната главна расправа треба да бидат повикани сите тројца вештаци за да дадат дополнително појаснување на својот наод и мислење, а предвидено е да биде испитан и обвинетиот.

Јавниот обвинител Владимир Лапе рече дека од процесни причини се противел на предлогот на одбраната, бидејќи не постои друго, алтернативно психијатриско вештачење од кое би произлегле поинакви околности. Сепак, обвинителството нема ништо против вештите лица да бидат сослушани пред судот, откако судот оценил дека тоа е потребно.

Лапе нагласи дека веќе изготвеното вештачење, кое е изведено како доказ во постапката, е јасно во однос на пресметливоста на обвинетиот.

– Вештачењето е многу јасно и концизно дека се работи за пресметлив сторител – изјави Лапе.

Тој посочи дека одбраната се повикала на член 63 од Кривичниот законик, кој, според неговото образложение, се однесува на ситуации на битно намалена пресметливост или непресметливост, поради што обвинителството го истакнало својот процесен приговор.

– Вештачењето не остава простор за сомнеж дека се работи за целосно пресметливо лице – рече Лапе.

Во однос на денешните сведочења на преживеаните жртви, обвинителот оцени дека немало суштински отстапувања од нивните претходни искази дадени во обвинителството. Според него, имало само мали разлики во одредени детали, што го оцени како разбирливо со оглед на возраста на жените, кои имаат повеќе од 80 години.

Судењето против Бојковски продолжува во септември, кога пред судот треба да бидат сослушани вештите лица, а исказ треба да даде и обвинетиот. Бојковски се товари за четири убиства и два обиди за убиство на жени, а според обвинителниот акт, делата се извршени од побуди и ниски страсти.

Сузана Андоновиќ

Radio Bum

August 31st, 2026

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *