Вести

Бремените жени плаќаат „бесплатни гинеколошки прегледи“

Бремените жени плаќаат „бесплатни гинеколошки прегледи“

Мајка на петмесечно бебе од истокот на државата при редовните контроли во бременоста плаќала секој месец за ехо прегледи кај матичниот гинеколог. Таа не била информирана дека прегледите се бесплатни, сметала дека само породувањето во болницата не се наплаќа.

– Бременоста помина во најдобар ред. Гинекологот беше љубезен, одговараше на моите прашања. За месечниот преглед плаќав 500 денари, брисови во 12 недела 4.300, а во 20 и 30 недела по 1.500 – вели младата мајка.

Друга кумановка плаќала по 500 денари за ехо и 1.500 за одредени брисови.

– Ова ми е втора бременост. Знаев дека сè е бесплатно. Не барав ниту фискална, ниту имав енергија да се расправам со матичната докторка дека не треба да плаќам. Моето и здравјето на моето бебе е во нејзини раце-вели мајка на тримесечно бебе.

Државата обезбедува бесплатни прегледи за мајките и деца преку програмата за здравствена заштита. Истражувањата на ЕСЕ ги потврдуваат сведоштвата на мајките кои се совпаѓаат со истражувањето на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) и ги потврдуваат сознанијата на здружението во рамки на проектот за намалување на корупцијата во здравството.

– Значителен дел од жените пријавуваат дека им се наплаќаат услуги што треба да бидат бесплатни од страна на матичните гинеколози-вели Борјан Павловски од Здружението ЕСЕ. Пациентките обично не бараат фискални сметки, недоволно се информирани кои услуги се бесплатни. Покрај, гинеколошкиот и помошните дијагностички прегледи со ЕХО бесплатни се и колпоскопија и земање брис кај избраниот лекар.

Од ЕСЕ бараат Министерството и Фондот за здравствено осигурување редовно да ги информираат жените за бесплатните услуги и да ги заштитат пациентките со почести контроли и санкции за гинеколозите. Програмата за здравствена заштита на мајките и децата со јасни критериуми Следењето на бременоста кај избраниот гинеколог се спроведува согласно програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата. Критериумите се јасно утврдени во договорот за обезбедување и плаќање на здравствени услуги во примарната здравствена заштита, кој приватните здравствени установи го склучуваат со Фондот.

– Со договорот детално се уредуваат правата и обврските на договорните страни и тој важи до крајот на годинава (31.12. 2026 година). Здравствените услуги кои се опфатени со договорот не смеат дополнително да се наплатуваат од осигурените лица, освен законски утврденото учество (партиципација)-децидни се од Фондот за здравство.

фото Лого фонд за здравство

Министерството за здравство објаснува дека редовната антенатална грижа вклучува бесплатни превентивни и контролни прегледи. Сепак, некои процедури, лабораториски анализи или тестови не се дел од пакетот „бесплатни“ услуги.

фото лого Министерство за здравство

Здружението на приватни гинеколози очекува јасни правила Здружението на приватни гинеколози го почна процесот на утврдување договорни обврски со надлежните институции. Тие сметаат проблемот е недоволно прецизираниот сет на услуги и очекуваат решение за системските слабости. Важно за нив е да се смени перцепцијата на јавноста дека сите прегледи се бесплатни.

– Очекуваме институционално, високо професионално и со максимална општествена одговорност да се унапреди системот и на препознатлив начин да се обезбеди правилна перцепција за нивото на квалитет во пружањето на услугите во примарната здравствена заштита во Македонија-велат од здружението.

Од здружението на матични гинеколози упатуваат пак на постоечките правни акти, делови од договорот со ФЗО кои и сега упатуваат на концептот на „бесплатност на прегледи засновани на медицина базирана на докази“, акт објавен во Службен весник.

Лого Здружение на матични гинеколози

Незначителен број претставки Секторот за контрола од Фондот за здравство во последниве три години спровел 84 контроли кај избрани лекари од дејноста гинекологија.

– Најчесто утврдените неправилности се однесуваат на дополнителна наплата на услуги кои се на товар на Фондот, неуредно водење на медицинската документација, административни недостатоци, како што се непотпишани ИЛ-1 обрасци, велат од Фондот. Изминативе три години до Фондот поднесени се 24 претставки од осигурени лица кои се однесуваат на дополнителна наплата кај избрани гинеколози. Пациентките се жалеле за наплата на ЕХО-прегледи, ПАП-тестови, микробиолошки брисови.

До Државниот санитарен и здравствен инспекторат од 2023-2025 биле доставени три претставки за наплата за извршена здравствена услуга кај матичен гинеколог. Нов сет услуги решение и за мајките и за гинеколозите Здружението на приватни гинеколози акушери бара од Министерството за здравство да подготви клинички упатства, што ќе го зајакне стандардот и ќе го доближи до европскиот. Гинеколозите бараат и ревидирање на постоечкиот договор и сет прецизни услуги. И фондот и министерството потврдуваат дека во тек се анализи, разговори со лекарите.

– Фондот редовно ги разгледува нивните предлози и сугестии при подготовката на новите договори за обезбедување на здравствени услуги-велат од Фондот.

И ФЗО очекува со новиот договор да се елиминираат различните толкувања во однос на бесплатните услуги. Министерството за здравство учествува во процесот, се бараат решенија кои ќе обезбедат квалитетна здравствена грижа за бремените жени. Додека институциите и стручната фела ги договараат идните правила, цената ја плаќаат пациентките. Бремените жени бараат поефикасно решение, целосна транспарентност и одговор на прашањето што навистина е бесплатно.

Новинар: Александра Максимовска

Оваа сторија е изработена со финансиска поддршка од Француската агенција за развој (Agence française de développement) преку Expertise France како дел од проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“ кој го спроведува Здружение ЕСЕ. Содржината на оваа сторија е исклучива одговорност на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Expertise France или на Француската агенција за развој (Agence française de développement).

Radio Bum

July 11th, 2026

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *