Вести

Потпретседателот на владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ на конференцијата „WESTERN BALKANS 2030″ во Србија

Потпретседателот на владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ на конференцијата „WESTERN BALKANS 2030″ во Србија

,,Мора да изградиме регион во кој младите ќе остануваат затоа што имаат можности, регион во кој инвеститорите вложуваат затоа што имаат предвидливост и регион кој ќе стане позитивен пример како соработката може да ги надмине поделбите“.

Потпретседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, кој престојува во официјална посета на Србија, денеска учествуваше на меѓународната конференција „Western Balkans 2030“, организирана од Европската инвестициска банка (ЕИБ).

Стоилковиќ во своето обраќање истакна дека е чест и задоволство да се зборува на настан посветен на теми кои ја обликуваат иднината на регионот – регионалната интеграција, европската перспектива и економското поврзување.

„Македонската држава отсекогаш била посветена на идејата за членство во Европската Унија и за регион кој се движи заедно – економски, политички и институционално. Веруваме дека соработката е клучот за стабилен Балкан во стабилна Европа,“ нагласи Стоилковиќ.

Тој посочи дека регионот преминува од период на политички сенки и економски бариери кон функционална интеграција, каде што границите треба да бидат премини кон заедничка корист, а не пречки.
„Регионалната соработка не е алтернатива, туку природен темел на европската интеграција. Платформите како Берлинскиот процес, Отворен Балкан и Регионалниот совет за соработка се доказ за постоечката волја, но неопходни се и заеднички инвестиции, институционални механизми и координирани политики,“ рече Стоилковиќ.

Во фокусот на неговото излагање беше развојот на транспортната и железничката инфраструктура, особено модернизацијата и дигитализацијата на Коридорот 10, кој ја поврзува Северна Македонија со Грција и преку Србија со Унгарија и Европската Унија.
„Со поддршка од ЕУ и ЕИБ, сакаме да изградиме инфраструктура која ќе биде интероперабилна, енергетски ефикасна и безбедна – во согласност со европските стандарди,“ додаде тој.

Стоилковиќ потенцираше дека интеграцијата во ЕУ треба да се гледа не само како политичка цел, туку и како платформа за институционален напредок, посочувајќи неколку клучни реформи што ги спроведува Северна Македонија:

  1. Усвоена Стратегија за дигитализација 2030,
  2. Лидерство во спроведување на Планот за раст на ЕУ,
  3. Унапредување на јавната администрација,
  4. Транспарентно управување со јавните инвестиции,
  5. Подобрување на регулаторната рамка за инвестиции

„Европската инвестициска банка ја гледаме како стратешки партнер – не само финансиски, туку и експертски, со фокус на квалитет и долгорочна одржливост,“ нагласи вицепремиерот.

Во заклучок, Стоилковиќ порача дека Западен Балкан е дел од европското семејство – историски, културно и економски, и дека патот кон заедничка иднина зависи од искреното партнерство и заедничката работа.
„Мора да изградиме регион во кој младите ќе остануваат затоа што имаат можности, во кој инвеститорите вложуваат затоа што имаат предвидливост – регион кој ќе биде пример како соработката ги надминува поделбите,“ истакна Стоилковиќ.

Сузана Андоновиќ

Radio Bum

November 13th, 2025

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *