Вести
Застреланиот лекар е носител на листата на ДУИ во Липково- полицијата соопшти и првични детали за инцидентот во Куманово, се исклучува политика
Од полицијата со први детали за вооружениот напад во Куманово кога со огнено оружје е застрелан 43-годишен лекар пулмолог. Според полицијата, лекарот се возел со голф, а во него пукале две лица кои се движеле по улицата. Инцидентот се случил на крстосница пред општина Куманово и полициската станица во Куманово.

Според информациите на очевидци престрелката се случила спроти зградата на општина Куманово, по што тој успеал со возилото да се довезе неколку метри токму спроти зградата на општината и полицијата. Ранетиот е Зекирија Шаини, кој е вработен на скопската Клиника за пулмологија и е носител на советничката листа на ДУИ во општина Липково. Префрлен е на скопските клиники, информираше директорот на кумановската болница Сашо Стошевски.
– Кај нас е донесено лицето со иницијали З.Ш. со четири прострелни рани во пределот на левата подлактица и десно колено. Направени се сите иследувања кај нас согласно сите протоколи за лекување. Лицето е вон животна опасност и е пренесено веднаш на Клиника за трауматологија во Скопје, изјави Стошевски.

Од полицијата со соопштение за пукањето.
-Денеска (07.10.2025) во 13.54 часот во СВР Куманово е пријавено дека на крстосница од ул.„Димитрије Туцовиќ“ со ул.„11 Октомври“ во Куманово, две лица лица во движење од огнено оружје пукале во патничко возило „фолксваген голф “, управувано од З.Ш.(43) од с.Слупчане, општина Липково, кој се здобил со повреди и е пренесен во болницата во Куманово за укажување помош. Полициски службеници излегоа на местото и се работи на расчистување на случајот, информираат од СВР.
Во однос на настанот во Куманово, двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Куманово излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија. Се прибираат траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Во пукањето е повредено едно лице, а по напаѓачот се трага. Првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент, но сите околности се проверуваат.
Сузана Андоновиќ








