Вести
Пуштен во употреба реконструираниот регионален пат Бељаковце- Клечовце
Пуштен во употреба регионалниот пат Бељаковце-Клечовце во кумановско. За оваа делница одвоени се 35 милиони денари. Поставен е асфалтен слој во должина од 5.600 метри, соопштија од Јавното претпријатие за државни патишта.

Коце Трајановски, директор на Јавното претпријатие за државни патишта денес изврши увид во пуштањето на регионалниот пат Бељаковце-Клечовце, во село Довезенце, тој кажа дека сега се инвестира во регионалните и локалните патишта бидејќи биле запоставени во минатото, со реконструкција на патиштата се надева дека жителите кои се отселиле ќе се вратат да живеат тука. Овој пат го поврзува Куманово со Кратово.
- Ова е еден прекрасен крај со плодно земјиште блиску до река Пчиња. Тука се направи пругата во Бељаковце, а со регионалниот пат ние сакаме и автопатски да го поврземе овој дел од Куманово. Како јавно претпријатие за државни патишта сега инвестираме во регионалните и локалните патишта бидејќи факт е дека во Македонија тие се запоставени и тоа е причина луѓето де се иселуваат од овие села. Се надевам дека овој пат ќе придонесе и за разводот на овој регион, ова е земјоделски крај и луѓето ќе почнат да се враќаат тука и да живеат, вели Трајановски.
- Како Јавно претпријатие Државни патишта врз основа на нашата програма за 2025 година, направен е договор со Јавното претпријатие Македонија пат, имаме околу 30 милиони евра од кои 300 милиони денари се предвидени за реконструкција, рехабилитација и поправка на овие локални патишта, информираше Трајановски.

Тој кажа дека Општина Куманово не е запоставена, како една од поголемите општини во државата јавното претпријатие за државни патишта ќе инвестира 85 милиони денари за тековната година.
- Следниот пат којшто ќе го прави Македонија пат оваа година преку јавното претпријатие Државни патишта е патот од село Пчиња до село Вак’в и со тоа ќе ја исполниме програма за оваа година. Следната година заедно со градоначалникот и пратениците ние ќе утврдиме кој места ќе бидат приоритет и да бидат направени рехабилитирани локалните патишта, а кои се во надлежност на Јавното претпријатие Државни патишта. За 2025 година имавме контакти со сите градоначалници на локалните самоуправи во Република Македонија со пратениците и со населението и така ги одредивме приоритетите за 2025 истата процедура ќе биде за 2026 година, кажа Трајановски.

Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски се заблагодари на разбирањето на менаџерскиот тим на јавно претпријатие за државни патишта и менаџерскиот тим на јавно претпријатие Македонија пат за реконструкција на оваа патна траса.
- Од страна на граѓаните коишто живеат во овој дел на општина Куманово стигнаа голем број на барања и апели да се реконструира оваа траса која што претходно беше уништена поради изградбата на пругата Куманово-Бељаковце со употреба на тешки возила и машини. Оваа е еден добар позитивен проект особено за овој дел на општината која е една од позапоставените и стопански неразвиени. Општина Куманово и државните институции со Владата ќе продолжиме да инвестираме во неразвиените делови на државата а со тоа и во неразвиените делови на општина Куманово, кажа Димитриевски.

Претседателот на месната заедница на село Довезенце, Драги Додевски, вели дека по оштетувањето на патот по изградбата на пругата побарале да им го реконструираат. Тој кажа дека во село Довезенце живеат околу 50 домаќинства, а сега има изградено 82 викенд куќи.
Сузана Андоновиќ