Вести

Николовски-Царинската управа со засилени контроли, од почетокот на годинава поднесени кривични пријави колку за цел тригодишен период

Николовски-Царинската управа со засилени контроли, од почетокот на годинава поднесени кривични пријави колку за цел тригодишен период

Царинската управа со засилени контроли постигнала рекордни резултати – годинава за неполни пет месеци поднесени се 85 кривични пријави, што е еднакво на вкупниот број пријави поднесени во тригодишниот период од 2020 до 2022 година, информираше Бобан Николовски, директор на македонската царина.

-Делуваме на повеќе фронтови со цел целосно сузбивање на долгогодишните криминали со употребувани возила, злоупотреби и царински измами со увози со храна, чија цел била избегнување плаќање давачки со што е нанесена директна штета врз Буџетот на државата.

Ги продолживме предкривичните постапки за криминални дела со употребувани возила.



Годинава до Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и до Основното јавно обвинителство, Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги поднесе 41 кривична пријава против 32 правни и 118 физички лица за сторени кривични дела со 140 возила, при што директната штета нанесена врз Буџетот со избегнување плаќање давачки изнесува 14,7 милиони денари (239 илјади евра), кажа Николовски.

Секторот за контрола и истраги влегол во траг и открил организирана мрежа во која царински службеници, шпедитери, нотар и полициски службеник извршиле криминални дела со употребувано возило Мерцедес. Против сите е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, а Мерцедесот е одземен.  

– Станува збор за грубо кршење на сите закони, при што се извршени повеќе криминални дела, фалсификување исправа, употреба на исправа со невистините содржина и злоупотреба на службена должност и овластување.

  • Возилото влезено од Италија во април минатата година е лажно прикажано како штотуку увезено во јули 2024 година, со употреба на фалсификувани документи и злоупотребени пробни таблици.
  • Царинската постапка била лажно завршена со помош на внатрешни лица, без реално да се платат увозни давачки.
  • Извршени се незаконски заверки и регистрации, без проверка во системите.
  • Форензички докажано: фалсификуван потпис и печат на фирма која воопшто не била поврзана со увозот.
  • Возилото е запленето, а против 9 лица е поднесена кривична пријава за повеќе кривични дела.

По преземените оперативни дејствија на Одделението за истраги, форензичка анализа и графолошко вештачење на одземена електронска опрема, документација од шпедитерот и од нотарот од Скопје утврдено е дека документацијата употребена во сите процеси е фалсификувана, како и дека е употребуван фалсификуван потпис и печат на фирма со цел возилото мерцедес да се пушти во промет без да се платат увозни давачки.  

  • Мерцедесот е најмалку битен. Битен е системскиот пристап при сузбивање на организираниот криминал во царинската постапка од почеток до крај, но и надвор од неа и соодветно санкционирање.

Во друг случај Секторот за контрола и истраги при контрола на увоз на употребувани возила откри дека увозник со помош на царински застапник во период од 2022 година до јули 2024 година увезувал автомобили и за нив употребувал лажни податоци сè со цел избегнување плаќање дел од увозни давачки во висина од 1,6 милиони денари. 

  • Станува збор за вкупно 34 автомобили меѓу кои Nissan X Trail, Nissan Navara, Citroen C4, Mercedes A 200 чија вкупна вредност изнесува 145.251 евра, при што осомничените при царинење автомобилите ги декларирале како моторни возила за превоз на стоки со цел избегнување плаќање данок на моторни возила. Од Секторот за контрола и истраги за овој случај дополнително се наплатени 1,6 милиони денари, а до ОЈО Скопје против две правни и две физички лица поднесена е кривична пријава за сторено кривично дело царинска измама. 

Дополнително во пет случаи при контроли на увози на месо остварена е дополнителна наплата од 11 милиони денари (178,9 илјади евра), при што до сторителите ќе биде поднесена кривична пријава до Основно јавно обвинителство, а за еден сторител ќе биде поднесена прекршочна пријава. Станува збор за случаи каде увозници го тарифирале месото со пониски царински стапки се со цел избегнување плаќање давачки.

– Овие резултати се доказ дека со координиран и професионален пристап ефикасно застануваме на патот на сите обиди за криминал.

Применуваме сеопфатен пристап за спречување на криминалот. Ги зајакнуваме сите капацитети и внатре и на гранични премини и на оние најфреквентните и на оние со најмал сообраќај, при што ги спречуваме обидите за криумчарење. Последно на ГП Пелинце кога со години не се памети да има записник за кривично дело, спречен е обид за криумчарење злато и сребро во вредност од 2,4 милиони денари (39 илјади евра).

На овој начин ќе продолжиме да делуваме и во иднина координирано и уште посилно се со цел фаќање на сторителите и создавање услови за побезбедно општество како темел за одржлива економија, кажа Бобан Николовски, директор на македонската царина.

Сузана Андоновиќ

Radio Bum

May 20th, 2025

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *