Вести
Кумановец измамен за 200 000 денари
Четириесет и петгодишен кумановец бил бил измамен за сума од 200.000 денари, кои измамниците му ги извадиле од сметка за што претходно му кажале дека има пари од криптовалутата биткоин.
На 14.11.2024 во 14.30 часот во СВР Куманово, 45 – годишен маж пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 200.000 денари. Според пријавеното, претставувајќи се дека е од „агенција за биткоини“, лицето му кажало дека на неговата сметка има биткоини во вредност од 14.500 долари и му побарало да му го даде бројот од неговата трансакциска сметка за да му ги префрли доспеаните парични средства. Како што е пријавено, за да може да му ги префли парите требало да има 200.000 денари на сметката, а откако пријавителот подигнал брз кредит парите му биле повлечени од сметката, но не добил надомест за биткоините. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Предупредување за измами од лажни „финансиски советници“ на социјални мрежи
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните дека е забележана зголемена активност на измамници, кои преку социјалните мрежи се претставуваат како „финансиски советници“ и најчесто нудат услуги за тргување со криптовалути. Овие лица се рекламираат со лажни профили или спонзорирани реклами, често ветувајќи висока заработка и брзи добивки, со што успеваат да ги привлечат жртвите кои бараат начин да инвестираат.
По воспоставувањето контакт преку социјалните мрежи, измамниците комуницираат со жртвите преку телефонски повици, користејќи VOIP броеви, кои обично изгледаат како локални броеви за да стекнат доверба. Во текот на разговорот, тие ги убедуваат жртвите да инсталираат софтвер за далечински пристап, под изговор дека им е потребен за да им помогнат со поставување на платформата за тргување.
Откако ќе добијат далечински пристап до компјутерот или мобилниот уред на жртвата, измамниците пристапуваат до електронското банкарство и ги префрлаат паричните средства од банкарските сметки на жртвите. Во многу случаи, жртвите остануваат без средства пред да сфатат дека се измамени, а штетите се значителни.
Секторот за компјутерски криминал ги советува граѓаните да бидат исклучително внимателни при комуникација со непознати лица кои нудат финансиски совети преку интернет. Никогаш не инсталирајте софтвер за далечински пристап на барање на непознати и внимавајте на повици од непознати или сомнителни телефонски броеви. Во случај на сомневање за измама, веднаш контактирајте ја вашата банка и пријавете го случајот во Министерството за внатрешни работи.
Сузана Андоновиќ