Вести
Децата од Ангел Шајче на кеј засадија цвеќиња со порака да се чува животната средина
Најмалите граѓани на Куманово по повод денот на пролетта , денот на екологијата и денот на водите испратија порака до сите граѓани да се грижат и да ја чуваат животната средина.
Под мото ,,Реката убава и мила кога би била чиста поубава би била” на градскиот кеј децата од објектите ,,Бубамара” од градинката Ангел Шајче од Куманово со поддршка на ,,Детелинка”, ,,Развигорче” и ,,Кокиче” засадија цвеќе и организираа Еко базар.
Настанот како што истакна воспитувачката Биљана Чунгурски се организира по повод денот на пролетта, денот на екологијата и денот на водите, а пораката на децата е јасна и чиста, за здрава животна околина, вели Чунгурски.

-Чистата природа е добра за сите. Целта на воспитниот тим е децата да се поттикнат на општествена одговорност да се навикнат да бидат општествено одговорни кон својата средина- изјави Чунгурски.
На настанот присуствуваше и дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска која се приклучи на активноста во Куманово.

– Еднаков пристап, инклузивност и поголем опфат на децата во предучилишно образование е целта кон која се стреми МТСП, порача Тренчевска.
Во изјавата за медиумите таа потсети дека во Куманово во објектот „Детелинка“ се вложени околу 3,5 милиони денари за реконструкција и набавка на дидактички материјал, со што е овозможено 62 деца да се вклучат во предучилишно образование. Во село Младо Нагоричене, вложени се 2,4 милиони денари со опфат на 25 деца.
За МТСП, проширувањето на капацитетите е приоритет, кажа Тренчевска и потсети дека во „Синоличка“, е проширен капацитетот за дополнителни 32 деца. Тренчевска рече дека покрај инвестициите во инфраструктурата, посветени се и на менувањето на програмите за предучилишно образование и во вложување во социјално-емоционалниот развој на децата, имајќи предвид дека влијанието на предучилишното образование е значајно за понатамошното образование и за резултатите кои ги покажуваат децата во идното образование. Таа посочи дека и во идниот период ќе работата на зголемен опфат на децата и според неа таргетот е 70 проценти, опфат на деца од предучилишна возраст во градинките.
-Наша идна цел е во сите општини да овозможиме инклузивност во градинките и отворање на сензорни соби и инклузивни игралишта во сите 81 општина во државата. Во текот на 2024-та ќе отвориме 14 нови градинки кои се во тек на изградба. Дополнително, уште шест нови градинки ќе има во 202 година и тоа преку средства од проектот на Светска Банка во МТСП и преку буџетот на Владата и преку буџетот на МТСП. Сите овие 20 градинки ќе бидат отворени во 2024-та и 2025 година. За да овозможиме еднаков пристап на сите ќе се отворат градинки и во рурални средини, рече Тренчевска.
Таа најави дека ќе се јакне и поддршката на приватните градинки за да се прошири пристапот на предучилишно образование и да се олесни поголемо учество на жените на пазарот на труд. За денешната акција на кумановската градинка, Тренчевска кажа дека ги учи децата како да ја чуваат и сакаат природата и водата, да се грижат за нив.
– Учат и како да бидат идни лидери, кои ќе донесуваат одлуки и ќе се грижат за секој од нас, рече Тренчевска.
Сузана Андоновиќ