Вести
Улица 300 во Ајдучка чешма ќе се асфалтира
Започна реконструкцијата на улицата „300“ во населбата Ајдучка чешма, која ќе чини над 170 илјади евра, средствата се обезбедени преку Министерството за транспорт и врски.
Увид денес изврши министерот за транспорт и врски Благој Бочварски кој кажа дека реконструкцијата на патот која се спроведува преку Министерството се изведува согласно предвидената динамика. Улицата целосно ќе се реконструира и асфалтира.
– И она што сакам да најавам е дека во координација согласно барањата на граѓаните, работиме на усогласување на проектот согласно нивните барања. Во делот каде ширината на улицата е четири метри работиме на можност за проширување на пет метри и поставување и тротоари од двете страни, изјави министерот. Во Куманово наскоро почнува реконструкција на локален пат од Костматац преку Мургаш до Новосељање во должина од пет километри за што вкупно вложени се преку 800 илјади евра. Улицата е во должина од 760 метри, вредноста над 170.000 евра, регионалниот пат во должина од пет километри.
– И морам да спомнам дека овие инвестициски зафати се на барање на граѓаните. Реконструкцијата на овие улици се дел од проектот на Министерството за транспорт и врски за поврзување на локалните патишта со кој даваме силна поддршка на општините и на граѓаните. Финансиските средства обезбедени се преку буџетот на Министерството за транспорт и врски, рече министерот.
Преку проектот инвестирани се средства за повеќе од 180 локални улици во над 60 општини.
– Капиталните проекти со кои ги подобруваме условите за живот и животниот стандард на граѓаните и ова е нашиот врвен приоритет. А овде во Куманово инвестиравме многу и во обем во дел на инфраструктурата, рече министерот. Во однос на железничката инфраструктура, додаде дека се инвестира во пругата од Куманово-Бељаковце и Бељаковце-Крива Паланка, а за третата делница до границата со Бугарија веќе е распишан тендер за избор на изведувач и надзорен орган
Министерот потсети дека е реконструиран патниот правец Куманово-Страцин за што вложени се преку 12 милиони евра, во завршна фаза е изградбата на новиот експресен пат од Ранковце до Крива Паланка инвестиција од преку 60 милиони евра. Завршени се патиштата Куманово кон Свети Николе, кон Никуштак, од Куманово кон Опае, кон Сопот и други населени места, реконструирани се „Искрин Мост“, мостот кај Проевце.
– Куманово и населените места во Куманово добиваат квалитетни проекти со коишто верувам го подигнуваме квалитетот на живот на граѓаните, обезбедуваме подобри услови за живот, побезбедни патишта за патување и поквалитетна инфраструктура за развој на локалната економија. Министерството и Владата остануваат партнер на општините, на граѓаните. Очекувам со ваква поддршка да продолжиме и во идниот период преку реализација на нови проекти, пред сè капитални кои ќе го подобрат квалитетот на животот на граѓаните и на државата, рече министерот.
Во однос на пругата, министерот рече дека делницата Куманово-Бељаковце е со прогрес од над 50 проценти.
– Нашите очекува се доколку оди целиот проект согласно динамиката ќе заврши до крајот на годината, првата делница до Бељаковце. Втората делница која исто таа се гради од Бељаковце до Крива Паланка има прогрес од 20 проценти. Очекувам да продолжат засилени градежни активности во градежната сезона имајќи предвид, дека ладните месеци завршуваат и да продолжи динамиката согласно барањата на Министерството и Владата, изјави министерот.
Сузана Андоновиќ