Вести
Димитриевски заедно со сопругата се потпишаа во ДИК за кандидатура за претседател
Кандидатот за претседател од партијата ЗНАМ, Максим Димитриевски, точно на пладне во присуство на неговата сопруга се потпишаа во канцеларијата на Државна изборна комисија во Куманово за кандидатурата за претседател. Димитриевски ги повика граѓаните да му дадат поддршка за како што вели нов концепт и Македонија да излезе од црно сивиот свет, а тоа го можат само граѓаните.
- Сакам да се заблагодарам на сите граѓани кои до сега се отповикаа и дадоа поддршка на мојата кандидатура. Бројката е навистина висока и да им се заблагодарам и воедно да ја искористам оваа прилика да ги повикам сите граѓани на Македонија да ја дадат поддршката бидејќи нашата цел е да воведеме нов концепт и нови стандарди бидејќи Македонија тоа го заслужува. Македонија мора да излезе од црно сивиот свет во кој функционира и единствено тоа може да го сторат граѓаните доколку се одважат. Доколку имаме висока поддршка со собирање на потписи тоа ќе значи дека ќе имаме и висок одзив при самото гласање, а со тоа не само што ќе се зголеми демократијата во државата, туку народот ќе испрати јасна порака дека сака да се случи нешто ново во државата, вели Максим Димитриевски, кандидат за претседател од партијата ЗНАМ.
- Во оваа прилика сакам да ја искористам, да им честитам на сите кандидати кои собираат потписи во оваа постапка и да им посакам успех. Поголем број кандидати на претстојните претседателски избори значи и повисоко ниво на демократија и развој на истата и верувам дека граѓаните на крајот ќе го дадат последниот збор, кажа Димитриевски.
Тој даде и забелешка за работата на ДИК дека не ги информирала граѓаните соодветно и навремено каде можат да ги потпишат кандидатурите, па многу граѓани се јавувале директно кај него да се информираат.
- Во однос на самата постапка и организација за прибирање на потписите мислам дека од страна на ДИК не е направено доволно да се информира јавноста и граѓаните каде и на кои места и локации можат граѓаните да го дадат својот потпис за поддршка на одреден кандидат. Имаме мал број на канцеларии, не сите општини се опфатени со канцеларии на ДИК, а воедно и неопходен е правилник во кој ќе се дефинираат отчните локации и дополнително граѓаните на полесен начин ќе се информираат каде можат да ја дадат поддршката на одреден кандидат. Верувам дека во најкус можен рок ДИК ќе изнајде начин дополнително да ги информира граѓаните каде можат да дадат поддршка за кандидатура на сите кандидати кои ги најавија кандидатурите, а согласно законот имаат обврска да прибираат потписи. Утрово ми се јавија голем број на граѓани кои поставија прашање до мене каде да ги дадат своите потписи за поддршка, лично не бев информиран согласно правилникот и дадените адреси во правилникот, но сметам дека тоа е недоволно, тоа не е обврска на нас кандидатите, тоа е обврска на ДИК, тие се платени за тоа и имаат обврска да ги информираат граѓаните и јавноста за точните локации и позиции каде се наоѓаат сите тие месни канцеларии на ДИК каде можат да дадат потпис. Во однос на собирање на потписите кај нотарите, мислам дека е доста скапа постапка и не секој од нас кандидатите може да си го дозволи тоа да изброи толкави парични средства за да може да обезбеди поддршка и собирање на потписи пред нотарите бидејќи се плаќа за заверка, кажа Димитриевски.
Сузана Андоновиќ