Вести
Климатските промени погубни за земјоделското производството
Климатските промени се директна закана за земјоделството, приносите намалeни, медот ќе стане луксуз
Kлиматските промени и пожарите сериозно го намалија бројот на пчелни семејства. Пчеларите од североисточниот регион стравуваат дека напролет ќе се намалат пчелните семејства како директна последица од климатските промени. Во регионот речиси и да немаше летен дожд што беше пресудно за вегетацијата која придонесува за создавање поленов прав, неопходен за развој на нови пчели, Поради недоволната количина на полен нема исхрана за младите пчели, а пчеларите велат дека токму поленот содржи протеини за развој на нови пчели.

– Недостигот на дожд, последователно, недостиг на поленов прав е причина поради која пчелните семејствата влегуваат во новата сезона со помал број на нови пчели, што значи помал број семејства и помали приноси на мед, кој може да стане и луксуз бидејќи нема да има доволно и цената ќе биде многу висока. Слободно може да се каже дека ова е директна последица од климатските промени, вели Бобан Стошевски, пчелар и претседател на кумановското здружение „Пчела“.

Состојбата е слична на ниво на државата. Летните дождови кои во минатото беа чести сега се сè помалку. Пчеларските здруженија стравуваат за појава на сè помал број на пчелни семејства и помали приноси за пчеларите. Дури и микроклимата е сè поразлична. Во одредени региони од кумановско има повеќе растенија и вегетација за разлика од други. Стошевски тоа најдобро го забележува, бидејќи пчелари на три различни локации во Драгоманце, Врачовце и Пелинце.
– Капка дожд не падна од јули до октомври 2023. Дождот е важен за вегетацијата, за растенијата, пчелите не собраа доволно поленов прав кој е важен за создавање на нови зимски пчели кои треба да ја почнат наредната сезона, изјави Стошевски.
Државата не е имуна на климатските промени кои се случуваат на глобално ниво. За пчеларите најважна е пчелата како алка за зачувување на екосистемот. Пчеларите се обидуваат да го намалат влијанието на климатските промени кои можат да бидат погубни за опстанокот на пчелите.
– Природата го возвраќа ударот, влијанието на климатските промени врз нашите секојдневни животи е поизразено последниве децении. Пчелата е важна и за обнова на растенија која се наша храна, затоа мора сите заеднички да придонесеме да се зачува, вели Стошевски.

Тој појаснува дека ако во изминатите години намалување на пчелните семејства било за десет проценти што е и нормално, сега бројката достигнува од 30 до 40 проценти, што значи на сто (100) кошници се намалува за 40. Тоа е голема бројка, вели тој и ако продолжат сушите од јули до октомври ќе се намалат и бројот на пчелните семејства.
Кумановско и козјачијата во 2021 беа зафатени со огромни пожари кои ги преполовија дабовата и буковата шума кај Кокино и Четирце. Пчеларите од овие региони се соочија со негативни последици. Дел од нив остана со неколку пчелни семејства кои беа недоволни за покривање на потребите за мед и на самите домаќинства.
– Не можеа воопшто да закрепнат од пожарите кои се последица на неодговорно однесување на човекот кој директно влијае врз климата, уништувајќи ги вековните шуми, вели Стошевски.

Пчеларите постојано се вклучуваат во обнова на шумите со пошумување , пред сè, медоносни дрвца. Акции има постојано, но во пожарите изгоре шума стара неколку децении со површина 144 хектари само во Кокино.
Климатските промени ги намалија житните приноси и приносите од овоштарството
Земјоделците велат дека нивите ќе останат празни. Ќе бидеме граѓани во село, имаме повеќе расходи отколку приходи, се жалат земјоделците. Село Романовце пред само две децении беше познато по производство на сончоглед. Последниве години се помал број производители произведаат сончоглед, бидејќи приносите се намалени. Земјоделците велат дека доцни сеидбата и жетвата. Земјоделските практики и календарот што го применувале пред деценија и половина, сега е сменет поради влијанието на климата. Земјоделството е многу силно изложено на влијанието на климатските промени, зашто активностите се изведуваат на отворено и зависат од климатските услови.
Сериозната промена во климата изразена преку намалување и зголемувањето на температурите и намалување на количините и интензитетот на врнежите, екстремни временски појави : негативни температури, топлотните бранови, сушите, силното невреме и поплавите, предизвикаа и сериозни промени во вегетацискиот период на земјоделските и овоштарските култури. Ова резултира со намалено производство, род и квалитетот на производите. Наглите промени во времето се тешки да се предвидат, а ова значи огромни штети и загуби за земјоделците.
Високите температури, недостиг на дожд, го намалиле приносот на сончогледот годинава, вели Среќко Николовски, производител од Романовце.

– Годинава беше поразителна, високи температури над 40 степени. Не врнеше дожд навреме, немаше дожд, приходите на сончоглед се од 600 до 800 килограми по хектар, а претходната година достигнаа околу тон и половина. Секоја година се намалува сончогледот оваа година дали петмина жители имаме насадено сончоглед. Дел од производителите се префрлија на други култури, а за наредната година не знам, многу ниви ќе останат празни, ќе бидеме граѓани во село, вели Николовски.

| 2021 | 1 000 кг | Приноси сончоглед на хектар |
| 2022 | 800 кг | Приноси сончоглед на хектар |
| 2023 | 600 кг | Приноси сончоглед на хектар |
Млад земјоделец од село Четирце укажува и дека житариците имаат помали приноси што според него е директна последица од климатски промени. Есенската сеидба доцнела поради екстремни суши.

-И житните култури имаат последици од негативното влијание на климатските промени. Оптималниот рок за сеидба е од 10 до 25 октомври, но поради сушата нивите не можеа да се изораат, а тоа беше причина за доцнење на сеидбата. Годинава посеавме дури во декември. Токму заради оваа очекувам да се намалат приносите за 40 проценти , изјави Дарко Павловски.
Од Агенцијата за поттикнување на развој на земјоделство во Куманово објаснуваат дека врнежите се многу важни за сеидбата. Изминатата година 2023 година беше проблематична, бидејќи во летото и есента немаше врнежи. Задоцни есенската сеидба.

– Пченицата има фаза на јаровизација тоа е 45 дена мирување каде се формира столбче, на кое се формираат класја, а во такви услови родот се намалува и наместо од едно зрно да се родат десет класчиња се раѓаат шест, појаснува, земјоделскиот инженер и раководител на Агенцијата за поттикнување на развој на земјоделство во Куманово, Џабир Рамадани.

Тој вели дека секоја култура има потреба од одреден број на часови Сонце да се развие и да созрее нормално.
– Ако една култура се насее во април и врвот на растот го достигне во јуни кога е најдолг денот и има најголем број на часови Сонце, а таа е во фаза на развивање, тогаш кога зрее наместо да користи 80 проценти од сонцето таа користи само 60 . Секоја климатска промена има влијание врз земјоделието, зимата се помести, имаме летни температури во октомври и ноември, а да се сее во октомври кога културата треба да мирува, таа ќе расте но нема да може да формира плод. Процесите не можат да се реализираат во нормални услови, додава Рамадани.
Тој кажа дека за житни култури нема избор. За градинарството се препорачува засенчување со УВ мрежи, кои штитат од негативно зрачење, од град и измрзнување до минус 2 степени .

Климатските промени во последните четири години се закана и за изумирање на одредени култури во овоштарството како кајсии, праски и модри сливи во североисточниот регион во државата. Кајсијата е најпогодена во овоштарството, бидејќи рано вегетира, слана или мраз им го уништува цветот и нема плодови. Климатските промени целосно ја уништуваат во фаза на цветање, таа не може да се адаптира и се поголем број на земјоделци ја избегнуваат.
Состојбата е иста насекаде во државата, регионот, Европа и глобално. Според Државниот Завод за статистика за првите седум месеци од 2023 година извозот пораснал за 7,3 проценти, но увозот на овошјето и зеленчукот за двојно повеќе односно 15,8 отсто. Минатата 2023 година беше речиси преполовено и производството на тутун токму поради обилните врнежи и град којшто ја зафати Пелагонија во текот на летните месеци, а слична беше состојбата и со пченицата чијашто жетва почна подоцна од вообичаеното поради обилните врнежи, а подоцна отпочна и есенската сеидба, велат познавачите. Извршната директорка на „Рурална Коалиција“, Лилјана Јоноски објаснува дека земјоделското производство опаѓа што пак ги зголемува цените на производите, особено на овошјето и зеленчукот, кои ги одразуваат високите трошоци за производство и сè пониското, локално, домашно производство на храна.

– Раноградинарските култури се најпогодени од климатските промени особено оние коишто се одгледуваат на отворено, па пред две години бевме сведоци на високата цена на пиперката, ајварка којашто ја немаше поради многу сушната година и недоволно вода за наводнување во периодот кога тоа им е најпотребно. Опаднато е и производството на доматите, краставиците, а во полошкиот регион поради климатските промени исклучително се намалени количините на производство на грав и пченка. Дури и се заканува зачувувањето на надалеку познатиот „тетовски грав“. Од година во година се намалува исто така и производството на пченица, тутун, јачмен, јаболко., вели Јоноски.
Сите чинители се задолжени да работат на мерки и политики за намалување на ефектите од негативните последици од климатските промени. Стручните предлагаат паметно да се искористи земјиштето за да се обезбеди храна и во екстремни временски услови. Агро-екологијата е пример за искористување на постоечките екосистеми за да се произведе храна, во исто време ја зголемува отпорноста на посевите од наглите топлотни бранови и поплави, кои изминатава деценија станаа сè почести. Јоноски предлага воведување на заштитни системи од град, за наводнување, менување на земјоделски култури и семиња најпогодни за конкретната земјоделска површина и поднебје. Ова ќе одговори на предизвиците коишто со себе ги носат климатските промени (енормна суша, испустување на почвата, немање на доволно вода, град, невремиња и сл.) Таа ги повикува земјоделците да ги следат предупредувањата на УХМР. Надлежните треба да им помогнат на земјоделците да вложуваат во модернизација и дигитализација на земјоделското производство, бидејќи Смарт технологијата овозможува да се делува навремено на пример за прихрана, наводнување, заштита од сонце и слично. Земјоделците да користат прихрана од органско потекло за одржливо и рационално користење на природните ресурси (вода, воздух, сонце). Важна е и едукацијата, размена на искуства, учење од позитивни практики. Јоноски вели дека треба да се обезбедат стручни и практични обуки преку носењето на Законот за советодавни услуги, индивидуалци и приватни лица, експерти во областа да дадат совети за зголемување на родот преку примена на нови и иновативни практики, и зголемување на квалитетот и вредноста на родот преку ригорозна контрола и драстично намалување на количината на хемиското третирање на растенијата
– Важно е и земјоделците да ги променат навиките и начините на. И она најважното е да се обезбеди доволно финансиска поддршка од страна на државата или странски фондови за спроведување на мерки за адаптација и ублажување на климатските промени, но и услови таа поддршка да биде искористена од страна на малите земјоделски производители чијашто финансиска моќ е многу мала и недоволна за да преземат сериозни чекори во справувањето со климатските промени, вели Јоноски.
За заштита на градинарство и овоштарство многу е важно засенчување со у-ве мрежи. Тие се поскапи, не се произведуваат во Македонија но ги има на пазарот, се увезуваат од Израел и Холандија, а можат се користат до десет години, вели Џабир Рамадани, земјоделски инженер и раководител на Агенцијата за поттикнување на развој на земјоделство во Куманово.
Тој вели дека државата апелира земјоделците да ги осигуруваат насадите, со полисата, 60 проценти од штетата ја покрива државата. Сепак нагласува дека мрежите, у-ве или обични мрежи се поефективни бидејќи ќе го заштитат родот од у-ве зраци, град и ако температурите се спуштат до минус 2 степени.
Се прават истражувања како би се надминале негативните влијанија на климатските промени врз земјоделието. Како држава имаме стручен кадар но потребни се финансиски средства, вели Рамадани.
Општините имаат обврска да донесат локален еколошки акциски план. Обврската е завршена во Куманово, информираат од секторот за животна средина. Планот предвидува соработка помеѓу секторите во општината, меѓу општините во североисточниот регион како и другите општини која се однесува на утврдување на регионалните и националните проекти и мерки за подобрување на животната средина, подигната јавна свест на населението за значењето на заштитата на животната средина во сите сегменти.
Локалниот акциски план соодветствува со националниот и ќе има важност од шест години. Тој предвидува конкретни обврски и грижа за животната средина од локалната заедница преку зголемен број на успешно реализирани проекти и иницијативи за решавање на проблемите од областа на животната средина, создадени услови и зајакнати локални капацитети за спроведување на приоритетните мерки и активности дадени во Акцискиот План на документот.
Како што појаснуваат од секторот, главната цел при подготовка на ЛЕАП за општина Куманово било дефинирање на состојбата со животната средина во сите тематски области (воздух, води, отпад, бучава, почва и искористување на земјиште/урбан развој, биодиверзитет/геодиверзитет во општината, родова еднаквост и климатски промени), евидентирање на главните предизвици во животната средина и предложување на мерки и активности за нивно надминување во следниот период од шест години. ЛЕАП документот содржи поглавја со општи податоци за општината, опис и идентификација на сегашната состојба со медиумите и областите на животната средина и предизвици за секоја од тематските области, како и препораки за нивно решавање, анализа на мислењето на граѓаните во општината и предлог акциски план со мерки, активности и вклучени индикатори за следење на нивната реализација.
Општината и преку други сектори работи на намалување на ефектите од климатските промени, но поврзани со енергијата. Донесен е и план за рурален развој кој нуди решенија за почисто, еколошко и органско производство на храна.
Земјоделците стравуваат од климатските промени, зашто ефектите се видливи. Малите земјоделци и фармери се немоќни да се справат и бараат поддршка од сите чинители. Кумановските земјоделци се заинтересирани за постепено воведување на мерките кои треба да обезбедат свежа храна на трпезите на домаќинствата, зашто за нив и за локалното население несфатливо е земјоделска држава да увезува земјоделски производи.
Сузана Андоновиќ, радио Бум, Куманово
Оваа сторија е продуцирана со поддршка на регионалниот проект „SMART Balkans – Зајакнување на улогата на медиумите во справувањето со климатските промени“ имплементиран од Центарот за промоција на граѓанското општество (CPCD), Центарот за истражување и креирање политики (CRPM) и Институтот за демократија и медијација (IDM) и финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Норвешка (НМФА). Содржината на сторијата е единствена одговорност на авторите и не мора да ги одразува ставовите на Министерството за надворешни работи на Норвешка (НМНР).









