Вести

Министрите Спасовски и Бочварски во работна посета на Куманово

Министрите Спасовски и Бочварски во работна посета на Куманово

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски го посетија Секторот за внатрешни работи Куманово и направија увид во изградбата на пругата на Железничка станица „Перо Чичо“ во Куманово, како дел од Коридор 8.

  • Со посебно задоволство денеска, со мојот колега Бочварски, сме на посета во Куманово за да направиме увид на сите реализирани, тековни и отпочнати проекти во градот, но и на поширокото подрачје, а во ресорот кој јас го раководам, да ги видам и  резултатите од инвестициите за подобрување на стандардите на работењето на полициските служби, што ги започнавме во 2017 година, во насока на поголема безбедност на граѓаните овде, изјави Спасовски.

Министерот за внатрешни работи кажа дека за реконструкцијата на полициската станица во Куманово инвестирале 65 милиони денари, а ги потенцираше и сите инвестиции направени во Куманово.

  • Нема полициски објект на подрачјето на СВР Куманово кој не е реконструиран. А претходно беа заборавени со децении. Инвестиравме ни помалку ни повеќе туку 65 милиони денари, средства од буџетот на МВР. Објектот на СВР Куманово претставуваше навистина голема инвестиција, со вложени 47,2 милиони денари од буџетот на МВР, кој стана гордост на МВР од 2021 година наваму. Тоа го кажуваат полициските службеници што работат во него, а што е уште поважно тоа го забележуваат и граѓаните кои ги остваруваат своите граѓански права и обврски тука. 
  • Ќе потсетам дека овој објект датираше од далечната 1929 година, а реновирањето на објектот беше изведено  во повеќе фази, стартувајќи од работниот простор на   вработените во Одделението за криминалистичко разузнавање и анализа. Потоа беше извршено целосно реновирање на Полициската станица Куманово, санација на просториите за приведување и задржување  на лица, како и изведба на нова пристапна рампа за лица со инвалидитет, а реновиран беше и делот каде што се сместени Одделението за безбедност во патниот сообраќај Куманово и Крим-полиција.
  • При реконструкцијата се погриживме максимално да ги испочитуваме стандардите за енергетска ефикасност, па меѓу другите реализирани градежни активности, во целиот објект на СВР Куманово старите прозорци ги заменивме со нови ПВЦ-прозорци, влезните портали со нови алуминиумски врати, изведена е термоизолациска фасада низ целиот објект, поставено е ново парно греење.
  • Истата година беа завршени и реконструкциските работи на објектите на уште две организациони единици при СВР Куманово, и тоа на Полициското одделение Ранковце и од Полициската канцеларија Старо Нагоричане. Полицијата од ова подрачје доби во употреба исклучително квалитетно реновирани објекти, со кои што се подобрија условите за извршување на секојдневните работни задачи, а кои ги задоволуваат и потребите на граѓаните од овие средини. И во нив се испочитувани  стандардите за енергетска ефикасност, а истовремено е запазена и потребата од заштита на животната средина, за што најмногу придонесе замената на начинот на загревање и во двата објекта со поставување на парно греење со електричен котел, наместо дотогашната употреба на огревното дрво како енергенс.
  • Во суштина, првиот реконструиран објект на ова подрачје беше Полициската станица Кратово, завршена уште во 2019 година, која покрај комплетната замена на дограмата во објектот, доби и нова кровна конструкција. А веќе следната година го завршивме и објектот на Одделението за внатрешни работи Крива Паланка, објект во амортизирана состојба, во кој за првпат откако е во владение на МВР се направија градежни интервенции, со што уште еднаш покажавме дека ги остваруваме ветувањата. Покрај другото, во овој објект поставивме и подно греење, согласно пропишаните стандарди, изработена е комплетно нова фасада и нов пристап за управните служби, со пристапна рампа за лицата со физичка попреченост, со имплементирани мерки за енергетска ефикасност на објектот, а со тоа и поголеми заштеди во трошоците.
  • Во основа, Владата преку институциите вложи многу во овој регион. За километрите рехабилитирани локални и регионални патишта, но и за железничката пруга и нејзината важност, секако, ќе зборува министерот Бочварски.  А јас ќе потсетам дека речиси и да нема сегмент во кој не инвестиравме периодов наназад. Реконструиравме дел од водоснабдителниот систем во Куманово, се работеше на изградба на фекален колектор во Речица, изградба на канализација во Тромеѓа, набавивме специјален ровокопач – натоварач за зимско одржување на улиците, набавивме специјално возило за отстранување на непрописно паркираните возила. Обезбедивме средства за доопремување на детската градинка со капацитет за нови 60 деца, работевме и на друг проект за адаптација на просторот на Пионерскиот дом во градинка за 40 деца.
  • Извршивме целосна санација на Основното училиште „Бајрам Шабани“, реконструкција на покривот на училиштето „Наим Фрашери“, на училиштето „Браќа Рибар“ во Сопот, обезбедивме нов инвентар во Гимназијата „Сами Фрашери“ и Средното уличиште „Перо Наков“. Реконструрано е и училиштето „Наце Буѓони“, направена е нова спортска сала за него. Нова спортска сала има и во ОУ„Јероним Де Рава“, го реновиравме Меморијалниот центар „АСНОМ“ на Пелинце, како и култната Соколана. Би можел да најбројам уште многу проекти од инфраструктурата за кои централната власт инвестираше и помагаше во развојот на Куманово, сѐ со цел да го вратиме сјајот на нашиот град.
  • А ние, како раководство на Министерство за внатрешни работи ќе продолжиме со силна мотивираност да вложуваме во полицијата, бидејќи така вложуваме во безбедноста на нашите граѓани. А како Влада, секогаш ќе ја имате нашата поддршка за развој на регионот, бидејќи Куманово тоа го заслужува, изјави Министерот Спасовски во Куманово.

Сузана Андоновиќ

Radio Bum

December 2nd, 2023

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *