Вести
ВИДЕО – Голем интерес за вакцинација против сезонски грип во Куманово
Над две илјади кумановци примиле вакцина против сезонски грип, информираат од одделението за епидемиологија од центарот за јавно здравје Куманово.
– Вакцините се четиривалентни, наменети за бесплатна вакцинација. Граѓаните претходно аплицирале преку „Мој термин“. Најголем процент се повозрасните граѓани, изјави докторка Едита Рамизи од Центарот за јавно здравје Куманово.

Центарот за јавно здравје обезбеди и комерцијални вакцини и досега според податоците вакцинирани се над 100 лица.
Вакцинацијата против сезонски грип, е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми, хоспитализација, дури и смрт кај ризичните групи, вели докторка Едита Рамизи. Докторите препорачуваат дека е важно да се вакцинираат здравствените работници, оние кои имаат контакти со повеќе луѓе, шалтерски работници, вработени во поголеми фабрики.
– Иако не е задолжителна препорачливо е да се вакцинираат лицата. И оваа година имаме особен интерес за вакцинација, сè уште тече процесот на имунизацијата и има лица кои аплицираат во системот, изјави д-р Рамизи.
Од комерцијалните вакцини во центарот се достапни уште 90 вакцини, а чинат 700 денари.
Сузана Андоновиќ








