Вести
Да се повлече новата концепција за основно образование и Учебници за сите ученици, бараат од здружението на просветни работници од Куманово
Кумановските просветни работници бараат повлекување на новата концепција за основно образование како и итно печатење на учебници, бидејќи учениците имаат искинати учебници и се принудени да позајмуваат и фотокопираат, соопштија денеска надлежните од Здружение на просветни работници – Куманово.
Според надлежните концепција за основно образование не е донесена врз темелна анализа на образовните состојби, условите во кои се реализира процесот, опременоста на училиштата, реалните потреби на учениците.
– Јавноста ја информиравме и пред два месеци, сега се донесени заклучоци и барањето е доставено до повеќе институции, минатиот четврток. Според Законот за учебници, член 2 Учебник, во смисла на овој закон, е основно наставно средство и извор на знаење за остварување на воспитно-образовните цели утврдени со наставниот план и програми на основното и средното образование. Според овој член секое дете има правно на учебник. Состојбата не е таква, недостасуваат учебници од почетокот на учебната година. Сметаме дека МОН треба да обрне внимание, изјави претседателката на здружението на просветни работници, Анита Димовска.
Како што објаснува и професорите и родителите и учениците сведочат на искинати страни, без корици, учебници кои не можат да се користат. Учениците се принудени да позајмуваат, да фотокопираат.
-Новата концепција е избрзана не е донесена врз база на темелна анализа, врз состојбите во кои се спроведува наставата. Не треба да се избрзува со проформа реформа, врз база на искуства од други држави каде состојбата е сосема поинаква. Од такви практични причини треба да се задржи работа според старата концепција, изјави Димовска.
Кумановското здружение барањето за целосно повлекување на новата концепција за основно образование и итно печатење учебници по наставните планови и програми до 2020 година го упатиле до: Министерство за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Народниот правобранител, Секторот за образование – Куманово, Државниот просветен инспекторат и Комисијата за спречување на дискриминација. Од Здружението очекуваат одговор во текот на неделава.
Сузана Андоновиќ








