Со воена свеченост во касарната „Боро Менков“ во Куманово одбележан денот на Командата за операции
Со воена свеченост денеска во касарната „Боро Менков“ во Куманово беше одбележан денот на Командата за операции. На свеченоста присуствуваше и министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, командантот на КО, бригаден генерал, Бесник Емини, заменик министерот за одбрана Тирон Јајагакако .
Министерката за одбрана Славјанка Петровска во касарната „Боро Менков“ во Куманово се обрати на свеченоста и кажа дека оваа команда е најбројната во Армијата која во себе ги вклучува сите видови на армиски родови и служби.
Оваа Команда е „столбот на нашата Армија“, кој во многупати ги покажа своите квалитети, кажа во своето обраќање Петровска.
„Командата за операции низ годините ги покажа своите квалитети. Во вашата структура е Лесната пешадиска баталјонска група, нашиот НАТО состав кој интензивно се обучува и се опремува со најнова и најсофистицирана опрема. Припадниците на Армијата кои со своето учество во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Романија и Бугарија, даваат суштински придонес кон колективната безбедност на НАТО, во најголем дел доаѓаат токму од оваа Команда. Вашите припадници беа упатени и во Словенија, во помош и поддршка на нашите сојузници во справувањето со големите поплави“, рече министерката.
Петровска истакна и дека војниците кои се секогаш и секаде подготвени да им помогнат на граѓаните при елементарни непогоди, доаѓаат токму од единиците кои се во рамките на Командата за операции, што го покажува нејзиното значајно место во одбраната. Додаде дека Министерството продолжува активно да инвестира и во подобри услови и поголема мотивираност на секој армиски припадник.
„Процесот на модернизација и опремување, чии резултати се веќе видливи е процес кој ќе продолжи да се движи со позабрзано темпо. Во буџетот кој е во фаза на планирање за следната година, се издвојуваат 2 проценти од бруто-домашниот производ за одбраната, а една третина ќе биде и понатаму наменета од тој буџет за продолжување на процесот на модернизација. Тоа значи дека можеме со сигурност да кажеме дека Армијата ќе продолжи континуирано да се опремува со нова, модерна и софистицирана воена опрема“, подвлече министерката.
На свеченоста се обрати и командантот на Командата за операции, бригадниот генерал Бесник Емини кој порача дека КО како еден од главните столбови на одбраната во континуитет работи на способностите и вештините на единиците.
„Развојот на човечкиот потенцијал како и подобрувањето на условите за работа се од особено значење и претставуваат главен предуслов за адекватен развој на вооружените сили и главен фокус на лидерите во Армијата“ и додаде дека амбиција на Армијата е во континуитет да се приспособува со цел успешно пресретнување и справување со новите предизвици и закани.
Генералот Емини на војниците им порача да продолжат успешно и со ентузијазам да ги извршуваат обврските и задачите бидејќи само со посветеност, интегритет и храброст ќе придонесат за натамошно градење на ликот на Армијата.
По повод Денот на Командата за операции беа доделени стимулативни мерки, а Прв пешадиски баталјон е прогласен за најдобра единица во Командата.
Денот на Командата за операции, 17. Октомври е денот кога во 1887 година за време на македонското Кресненско востание е формиран првиот воен штаб на воена формација во македонската историја.