Вести

По повод светскиот ден на менталното здравје, Став на Сања Јовановска- Родителство и ментално здравје кај децата

По повод светскиот ден на менталното здравје, Став на Сања Јовановска- Родителство и ментално здравје кај децата

Едно од често поставуваните прашања од страна на родителите е: Дали сум доволно добар родител?

-Да се биде родител во денешниот начин на функционирање е голем предизвик. Секој родител има желба да го види своето дете  среќно и успешно и постапува онака како мисли дека е најдобро за своето дете.  Но што значи да се биде среќен и успешен? Најдобро е кога едно дете се развива во независна индивидуа и  има стекнато здрави начини и вештини за справување со животните предизвици.

Од што зависи колку едно дете ќе стане независно и ментално здраво?

Да се биде ментално здрав во детството вклучува достигнување на развојни и емоционални пресвртници и учење здрави социјални вештини и начини за справување со проблеми. Здравиот развој на детето во голем дел зависи од нивните родители или старатели кои всушност се нивен прв извор на поддршка кон градење независност и превземање одговорност за успешен и здрав живот. Како што и предходно напоменав, секој родител посакува да го види своето дете како  расте и се развива во успешна индивидуа, но многу родители се фаќаат во оваа замка и се однесуваат презаштитнички со своето дете, бдеејќи над него и трудејќи се да ги реши сите негови грижи. Ова е така наречениот хелихоптер родител и баш ваквиот вид на родителство може да предизвика вознемиреност кај децата и да ги ограничи нивните можности да развијат вештини за независност. Она што е потребно на детето е всушност поддржувачки родител кој ќе му помага на детето да донесува здрави одлуки и да изнаоѓа здрави начини за справување со животните предизвици. Решавањето на проблемите на децата од страна на родителите во секој домен од нивниот живот  всушност ги ограничува можностите на децата  да се справат со стресни ситуаации. Неможноста да се справи со истите може да доведе до развој на анксиозни нарушувања.

Од друга страна пак отфрлувачките родители и премногу критички можат да влијаат кон намалување на самодовербата на детето што исто така може да доведе до анксиозност и депресија. Ниските нивоа на чувствително родителство и поголема употреба на сурова дисциплина се каузално поврзани и со развојот на проблеми во однесувањето кај децата.

Каков треба да биде еден родител за здрав ментален и емоционален развој на децата?

Родител кој ќе нуди топлина, поддршка, охрабрување. На овој начин се развиваат позитивни социјални вештини и се формираат здрави односи. Ова го овозможува подржувачкиот родител.

Што значи да се биде подржувачки родител?

Како што веќе споменав поддржувачкиот родител нуди топлина и љубов што директно влијае кон подобро ментално здравје кај децата и помал ризик од развој на анксиозност и депресија.

 Подржувачкиот родител им дозволува на децата самостојно да донесуваат одлуки и да ги завршуваат своите задачи, на тој начин децата развиваат вештини за решавање на проблеми, критичко размислување и саморегулација. Ова им помага на децата при справување со стрес и стресни ситуации што е многу важно за одржување на нивното ментално здравје.

Поддршувачкото родителство помага и за развој на позитивна слика за себе кај детето и чувство дека е сакано и прифатено. Важно е родителост да покаже интерес за животот на своето дете но од друга страна да му овозможи и индивидуалност.

Во денешно време многу семејства се детеоритентирани, и насочени да му овозможат се на своето дете и истото го поистоветуваат со безусловна љубов, додека поставувањето граници на детето во било кој сегмент се перцепира како казна и недоволна љубов кон своето дете. Непоставувањето на граници всушност има контрапродуктивен ефект врз развојот на децата. Децата имаат потреба од граници и правила, кои овозможуваат сигурна средина но и сигурност кај децата бидејќи јасните граници им помагаат на децата да се чувствуваат безбедно и сакано.  Поддржувачкиот родител го прави токму тоа, поставува јасни граници при развојот на децатаприлагодувајќи ги кон нивните развојни потреби и нивната возраст.

На пример во раното детство  родителите се најголемите придонесувачи за емоционалниот и социјалниот развој на децата. Во првите 12 месеци од животот на детето е многу важно присуството на мајка/родител/старател кој ќе ги задоволува потребите на бебето а воедно ќе создава сигурна врска мајка-дете која во иднина ќе игра голема улога во формирање на врски на детето со другите. На оваа возраст децата со својата мајка се чувствуваат како едно. Постепено како детето се развива се негува и индивидуалноста кај него и постепено одвојување-сепарирање од родителот-хранител (мајка). Родителот на предучилишна возраст треба да овозоможи безбедна и здрава средина за развој, каде детето учи да зборува, да се движи, да истражува и да ги учи емоциите со кои се соочува. Родителот на оваа возраст е од големо значење при поставување на граници на  начин негувајќи  пожелно однесување кај детето. Но како детето расте така има потреба од поголема индивидуалност.На училишна возраст до адолесценција некаде од 5 до 11та годишна возраст клучна задача е да се развие самодоверба кај децата и чувство на автономија. Треба да им се дозволи на децата постепено да имаат поголема контрола врз одлуките, како што се облеката што ја носат, хобито со кое ќе се занимаваат, пријателите со кои ќе се дружат. Во овој период од развојот на децата од суштинско значење е родителите да создадат безбедна средина каде нивните деца ќе се чувствуваат сигурно да ги изразуваат своите чувства и за истото да добијат разбирање и уважување на нивните чувства, но истите да не се минимизираат или да се прибегне кон помагање на детето во ниеден случај да не почувствува негативна емоција. Ако детето се чувствува тажно, луто, фрустрирано неговата емоција треба да се уважи и низ разговор и поддршка детето да изнајде начин кој ќе му помогне  да се справи со истата, на тој начин детето се стекнува со вештини како да се справува со своите негативни емоции во иднина и во зрели години од својот живот.

Како децата растат родителството се менува па така во периодот на адолесценција од клучно значење е децата да добијат поголема приватност без родителите да се исклучат од нивните животи. Една замка што треба да се избегне во поддршувачкото родителство во адолесценција  е да се биде премногу дистанциран родител. На адолесцентите сеуште им е потребна насока и водство од страна на родителите, но и емоционаална топлина и поддршка. Истражувањата покажале дека емоционалната топлина во адолесценција има позитивни ефекти врз менталното здравје додека отврлањето влијае врз самодовербата на адолесцентите и ја зголемува нивната психолошка нефлексибилност. Од друга страна пак премногу вклученост во животот на детето на оваа возраст и непочитување на неговата приватност може да доведе до стрес кај детето, потешка сепарација од родителите во иднина како и развој на анксиозност.

Заклучок

Важно е родителите да се погрижат нивните деца да се чувствуваат поддржано во секоја фаза од нивниот развој. Родителите можат да го поддржат менталното здравје кај децата, низ моделирање на здрави вештини за справување со стрес и предизвици, одржување на отворена и искрена комуникација и следење на промените кај децата.

Сања Јовановска
Лиценциран психолог/ Семеен и системски психотерапевт под супервизија/ ОЛИ советник

Сузана Андоновиќ

Radio Bum

October 10th, 2023

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *