Вести
За 1.079 првачиња во 16 основни училишта во Куманово започна учебната година, само во Габреш нема прваче
Во споредба со другите општини во државата, бројката на првачиња во Куманово е идентична како во минатата година. Вкупно се запишале 1 079 првачиња, но бројката како што информира Александар Јовановиќ, раководителот на секторот за образование при општина Куманово се очекува да се зголеми. Родителите на учениците кои се на привремена работа во странство најавиле дека ќе се вратат и дека децата ќе бидат запишани во кумановските училишта.
Најмногу ученици биле запишани во централните училишта Крсте Мисирков и Браќа Миладиновци, најмалку во руралните училишта, а во подрачното училиште Кочо Рацин во село Габреш, годинава нема за прв пат нема запишано прваче, информира Јовановиќ. Во основните училишта настава ќе изведуваат 9 951 ученик.
Во средните училишта се запишале 917 ученика во прва година, а вкупниот број на ученици во општинските средни училишта изнесува 3 986. Техничко училиште Наце Буѓони има најмногу ученици.
Годинава од кумановските училишта се испишале 397 ученика, а таа бројка е загрижувачка бидејќи учениците со родителите се иселиле од државата.
Ако продолжи овој тренд и ако од идната година стартува процес на оптимизација на училишните мрежа тогаш ќе имаме проблеми со функционирањето на наставничкиот кадар, кои можат да останат без работа, вели Јовановиќ.
Раководителот на секторот за образование Александар Јовановиќ, апелира до родителите на првачињата да поднесат документација за субвенции за првачињата. Годинава по одлука на советот на општина Куманово првачињата ќе добијат симболични субвенции од 2 000 денари. До сега 4 училишта доставиле комплетна документација по што ќе се изврши и уплатата на субвенциите .
Сузана Андоновиќ








