Вести
Димитриевски го обвини МТСП за притисок врз локалната самоуправа и наметнување решение за избор
Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски на денешната прес-конференција информираше дека сегашната директорка на кумановската градинка не ги исполнува условите за уште еден мандат, го обвини Министерството за труд и социјална политика за тенденциозно постапување при избор на директорка на градинката „Ангел Шајче“.
Димитриевски рече дека и пред четири години, како што потенцира, под „неразјаснети околности“ ѝ биле одземени ингеренциите на општината и тогаш МТСП повторно ја реизбра директорката за која, рече, дека менаџира со установата 20-тина години.

-Повторно пред два месеци, ова Министерство преку ресорната министерка Јованка Тренчевска изврши одземање на надлежностите на Општина Куманово за избор на директор на Детската градинка врз база на неоснована и тенденциозна постапка. Тоа се потврди со тоа што експресно од страна на Министерството беше поништено решението за одземање на надлежностите и истите ни беа вратени веднаш по нашата реакција. Сакам да ја информирам јавноста дека во продолжување на постапката за именување на директор на ЈОУ „Ангел Шајче“, Општина Куманово има постапено согласно своите законски надлежности, но сепак од Министерството добива второ укажување на определени материјални и процедурални недостатоци во работата, кое е неосновано, тенденциозно, и истото не наведува да постапиме спротивно на законот и статутот на установата, и тоа повторно замислете во нереален рок од вкупно еден ден, изјави Димитриевски.
Тој дополни дека по доставениот предлог во законски рок посочил до Управниот одбор дека кандидатот не ги исполнува условите.
– Ако се земе предвид дека предложениот кандидат 20 години е директор на установата последователно, согласно член 37 од Статутот на установата нема право на повторен избор пред истек на четири години од неговиот последен избор. Воедно, од моја страна како градоначалник на Општина Куманово им е укажано на членовите на Управниот одбор со допис дека умисленото и свесното постапување спротивно на законите и Статутот го исполнуваат битието на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, изјави Димитриевски.
Втор пат, УО на градинката го предложил истиот кандидат. Општина Куманово поднесе кривична пријава против членовите на УО.
-Јас како градоначалник на Општина Куманово согласно своите надлежности за запазување на законитоста на постапката и должноста за пријавување на сторени кривични дела не го прифатив предлогот за што го известив Управниот одбор, т.е установата и донесов Решение за именување на вршител на должност директор на ЈОУДГ „Ангел Шајче“ – Куманово, кој согласно закон функцијата ќе ја извршува од 01.06.2023 година до именување на нов директор, т.е избор на нов директор и тоа најмногу во рок од 6 месеци од денот на неговото именување. Очигледно е дека со овие постапувања МТСП се обидува со неоснована постапка да изврши притисок врз локалната самоуправа за да се наметне решение за директор евентуално избрано по партиски клуч, односно да се овозможи на таканаречените „вечни директори“ да продолжат да менаџираат со институциите на локално ниво, штитејќи ги партиските интереси наспроти општите граѓански интерес, кажа Димитриевски.
Градоначалникот на прес – конференцијата повтори дека актуелниот директор веќе 20 години е директор на институцијата и дека по сила на закон по основ на пензионирање му престанува работниот однос за неполни две години, со што не ќе може да ја спроведе понудената четиригодишна програма.
-Евидентно е дека ваквото тенденциозно постапување од ресорните министерства во делот на одземање на надлежностите на локалната самоуправа се зачестена појава во државата во повеќе градови во последниот период и јасно укажува дека државниот апарат се повеќе се користи за остварување на партиските и политички цели, рече Димитриевски.
Сузана Андоновиќ


Димитриевски го обвини МТСП за притисок врз локалната самоуправа и наметнување решение за избор" />






