Вести
Занаетчиската комора апелира до кумановските занаетчии да аплицираат за субвенции од општината – ВИДЕО
Старите занаетчии од Куманово да аплицираат на јавниот повик наменет за стари занаети, информираат од Занаетчиската комора.
Општина Куманово ќе ги субвенционира старите занаетчии со 15.000 денари. На повикот можат да се пријават јорганџии, опинчари, јажари, крзнари, грнчари, шапкари, ковач, лимар, казанџија, копчар, сита, саатчија, ракотворби-корпар, ракотворби-изработка на сувенири, домашна ракотворба, производство на музички инструменти, самарџија и кондураџија.
– И лани имаше повик на наше барање од комората и годинава продолжуваме и планираме секоја година да се субвенционираат старите занаети. Субвенционирањето на старите занаетчии ја помага локалната економија, но од друга страна е клучно за зачувување на традицијата, културата на живеење на овие простори, промоција на нашето богато културно историско наследство на нашата татковина, изјави претседателот на ЗКРСМ и на Регионалната занаетчиска Комора, Агрон Фазлији.
Куманово беше прва општина која со директна финансиска помош ги субвенционира старите занаети, а лани примерот го следеа и други градови, вклучително и градот Скопје.
Регионалната занаетчиска комора во партнерство со Фондација за развој на мали и средни претпријатија Куманово наредната среда, (31 мај 2023 година) ќе одржи и прв саем за мало стопанство во Куманово, поддржан од општина Куманово. Од Комората ги повикаа малите и средни претпријатија кои сакат да учествуваат и да изложат нивни производи на претстојниот саем за мало стопанство, да се пријават во Регионалната занаетчиска комора Куманово или во Фондација за развој на МСП Куманово, не подоцна од 26 мај 2023 година.Учеството на саемот за мало стопанство е бесплатно.
Од Комората појаснија дека пријавувањето за учество на повикот за субвенционирање на старите занаети е по писмен пат, додека пријавувањето за учество на саемот за мало стопанство може да биде писмено или по електронски пат до Регионална занаетчиска комора Куманово.
Сузана Андоновиќ








