Вести
Агенцијата за вработување објави повик за практиканство за млади невработени лица- ВИДЕО
Врз основа на оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд за 2023 година и усвоен од владата, Агенцијата за вработување на република Македонија објави јавен повик за мерката практикантство.
Мерката се однесува на младите невработени лица до 29 години, евидентирани како активни баратели на работа со завршено средно образование, а немаат работно искуство, информираше Марија Димитриевска, раководител на Центарот за вработување Куманово.

Мерката практикантство се реализира во период од 3 месеци кај работодавачи, а младите невработени лица за тој период стекнуваат практични работни знаење и вештини, потребни за извршување на работни задачи на одредено работно место. За секој кандидат вклучен во мерката практикантство е предвидена финансиска поддршка во бруто износ од 11 илјади денари месечно, а во износот е вклучено осигурување за инвалидност и телесно оштетување и професионална болест и данокот на личен доход. Заинтересираните можат да аплицираат се до исполнување на предвидениот опфат на корисници.
Работодавачите, немаат обврска да го вработат практикантот, само имаат обврска да му обезбедат ментор. Праксата како што информираше Димитриевска покажала дека ако практикантот добро ја заврши обуката се склучува и договор за вработување.
„Јавниот повик е отворен до исполнување на бројка. Во процесот на селекција во предвид се зема и принципот на рамномерен регионален развој, а според тоа дека Североисточниот е најнеразвиен регион очекуваме бројката за Куманово да биде поголема“, изјави Марија Димитриевска, раководителка на Центарот за вработување Куманово.
Од почетокот на годината до сега има пријавени 30 млади невработени лица. Слободни места за практикантство има за 1.600 лица на државно ниво, од кои 300 се со поддршка на ИПА 4 директен грант.
Едно лице мерката за практикантство може да ја искористи само еднаш.
Минатата година во мерката за практикантство во Центар за вработување Куманово биле склучени договори со 201 младо невработено лице кај 160 работадавачи.
Сузана Андоновиќ








