Вести
Амбасадорот на Италија најави економска соработка со фирми од Куманово
Италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри, денеска ја посети општина Куманово, тој кажа дека има можности за продлабочување на економската соработка помеѓу Куманово и италијанските компании.
Силвестри, се сретна со градоначалникот Максим Димитриевски со кого разговарале на повеќе теми, меѓу нив и за можностите за продлабочување на економската соработка.
Куманово има долга традиција на соработка со италијански компании во областа на чевларството, потсетува италијанскиот амбасадор кој најави и организирање на бизнис форум во државата, бидејќи двете држави ќе одбележат 30 години од билатералните односи.
– Разговаравме и нашата намера е да ја промовираме размената и инвестицијата во државата. Знаете дека во минатото имавме инвестиции пред сè во чевларството, но убеден сум дека има простор за понатамошна соработка. Ќе организираме бизнис форум во наредниот период, изјави амбасадорот, Силвестри.
И градоначалникот Димитриевски смета дека има можности за продлабочување на соработката. Куманово ќе биде покането на бизнис форумот да ги презентира можностите за инвестирање во индустриската зона Новине и Речица.
– Пред пандемијата имав можност да ја посетам областа Венето во Италија каде разговарав за можни инвестиции во нашата индустриска развојна зона, тогаш покажаа голем интерес, но за жал, по случувањата во Италија во време не корона кризата, каде беше сериозно погоден и овој регион, а и нашиот регион и Куманово, не продолжија тие контакти, но еве сега најава повторно да се продлабочат тие контакти. Амбасадорот потенцираше дека Република Италија е еден од најголемите инвеститори или можеби втор по големина во соседна Србија, а во Македонија е на шесто место по однос на инвестициите и тие би сакале да ја продлабочат соработката и да ги зголемат инвестициите во нашата држава, секогаш се добредојдени сите странски и домашни инвестиции во нашиот град, кажа Димитриевски.
Амбасадорот се сретна и со професорите по италијански јазик во општина Куманово. Во градот има пет училишта, три основни и две средни и 305 ученика кои изучуваат италијански јазик.
Посетата на италијанскиот амбасадор е промоција на изложбата по повод 500 години од смртта на Пјетро Ванучи, познат како Ил Перуџино. Освен, во Куманово изложбата која е патувачка ќе биде презентирана и во останатите градови од државата.
Сузана Андоновиќ








