Вести
Неедуцирани и нестручни лица шират антиваксерски кампања на социјалните мрежи, а со тоа директно го загрозуваат здравјето на децата
Во Куманово нема заболени деца од морбили, но проблемот е што како најголема општина во државата процентот на вакцинирани деца со МРП вакцина е најмал и преставува закана дека болеста може да се врати. Слабиот одзив за вакцинација, велат од Здравствен дом Куманово е насочена во неинформираноста на родителите.
На социјалните мрежи пред неколку дена беше објавен пост, на кој имаше негативни коментари против вакцинацијата на децата со МРП вакцина, а директно се навредуваше и медицинскиот персонал. Постот е избришан од групата, а лекарите апелираат родителите информации да побараат од стручните лица, а не да се информираат од неедуцирани и нестручни лица кои шират дезинформации, а со тоа директно го нарушуваат здравјето на своите деца, со одбивање на вакцините.

– Иако, се залагаме и сме отворени за секакви прашања, наидуваме на отпор за вакцинација кај дел од родителите кои се под влијание на антиваксерската кампања која се шири по социјалните мрежи, вели д-р Валентина Богоевска-Димитриевска, од диспанзер Куманово.

-Одзивот со вакцинирање на деца со МРП вакцина во Куманово е мал, споредбено со други градови во државата процентот на вакцинираните деца е најмал. Родителите не се информирани и имаат отпор да ги вакцинираат децата се плашат дека вакцината предизвикува аутизам што е многу погрешно. По информацијата за детето заболено од морбили во Свети Николе, одзивот за вакцинација бележи благо покачување и ги покануваме сите родители кои не ги вакцинирале децата да дојдат да се информираат и да ги вакцинираат децата. Болеста Морбили е вирусна инфекција која може да има фатални последици по здравјето на децата, вели докторка Богоевска- Димитриевска.
Вакцината МРП нема несакани реакции , а е задолжителна вакцина за прием на деца во градинка, информираат од Здравствен дом Куманово.
Сузана Андоновиќ








