Вести
Регионален настан „Биди Ин, биди Инклузивен, биди Инклудиран“
– Состојбата со инклузијата и инклузивното образование во Куманово е подобра во однос на останатите општини во државата, но не е целосна „розева“ и сè уште има простор за работа за да се обезбеди целосна инклузија за секое дете, кажаа на денешната регионална четврта трибина претставници од повеќе установи, институции, граѓански организации на регионалниот настан кој го организира Фондацијата „Чекор по чекор“, со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“, во соработка со Министерството за образование и наука.
Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унија има за цел да придонесе кон суштинско вклучување на учениците со попреченост во редовните училишта.
Бранка Џајковска, проектен менаџер од Фондацијата изјави дека Куманово се издвојува на полето на инклузијата, благодарејќи на „Инклузива“ и медиумите кои се засегнати за овие прашања.
– Често се зборува на овие теми, имаме силни невладини организации и општина која има слух за овие прашања и вистински се спроведуваат. Како проект доста работевме и можам да кажам дека на ниво на држава успеваме да го зголемиме бројот на месечни стипендии од 450 на 470 деца за три години. Имаме 43 училишта во државата во кои се изградени инклузивни игралишта, сензорни соби, пристапни тоалети, помошна технологија. Секое училиште треба да изнајде модел за секое дете да се пронајде во училиштата и да биде прифатено, изјави Џајковска.

Како дел од овој проект се доделуваат стипендии и туторска поддршка на учениците со попреченост, се поддржува наставниот кадар, инклузивните тимови и образовните асистенти преку обуки за професионален развој и се работи и на подобрување на пристапноста и инклузивноста на училиштата. Во таа насока, во североисточниот плански регион се доделија училишни грантови и пакети за поддршка за седум редовни училишта со кои се подобри пристапноста на училиштата, а се опремија и сензори соби и инклузивни игралишта. Понатаму, организирани се и обуки за градење на капацитети на училишни инклузивни тимови за шест училишта, организирани се две средби со лица со попреченост и нивните семејства, 12 училишта се учесници на работилници, предавања и обуки за градење на капацитетите на образовните асистенти и седум тутори се обучени за работа со стипендистите на Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“.
– Инклузијата на големи врата влезе преку носење на закон за основни училишта и се очекува секое училиште да се адаптира, промени во насока на пружање на квалитетно образование на сите деца. Инклузијата оди паралелно со квалитет. Статистиката кај нас е проблематична зашто на национално ниво немаме регистар на лица со попречност, немаме редовен механизам кој ги собира децата инклудирани во училиштата. Демографските промени донесоа помал број ученици и број на наставници. Покрај финансиите кои се неопходни, важни се човековите ресурси. Овие години имаме сооднос наставник ученик кој е на ниво на најразвиени земји, но тоа треба да се стави во практика, училиштата, општините иако зависат од државата имаат ресурси и можат со мала безболна реорганизација можат да се насочат кон соодветна поддршка на учениците со попреченост, вели, Елена Мишиќ тим лидер на проектот.
Благица Димитровска од „Инклузива“ кажа дека во Куманово има 44 стипендисти во регионот, 65.
– Дадовме поддршка на родителите при категоризација кој е основен документ за услов за стипендија. Инклузијата е процес кој го гради локалната заедница, изјави Димитровска.
Свое обраќање имаше и градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски кој напомена дека општината во соработка со Министерство за образование и наука како и со различни здруженија, активно работи за придонес кон обезбедување рамноправен пристап на децата со попреченост до квалитетна настава, пристапна и стимулативна средина.
– Општината инвестира во инфраструктурни проекти кои ја подобруваат пристапноста на основните и средните училишта. Исто така, со јавен повик се обезбедени финансиски средства од буџетот на општината наменети за невладини организации кои работат на полето социјална заштита, меѓу кои и организации кои работат со лица со попреченост. Општината исто така финансиски поддржува и Центар за индивидуални дневни услуги за деца со попреченост во општина Куманово, како и Центар за рехабилитација и реинтеграција на лица со умерена и тешка интелектуална попреченост над 18 годишна возраст. Во соработка со проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ изградени се сензорни соби во пет основни училишта и дополнително 2 инклузивни игралишта. Исто така, преку проектот „Инклузивна училница“, со кој аплициравме во Програмата Општинско корисна работа имаме ангажирано 13 образовни асистенти и две лични асистенти на ученици со попреченост во средните училишта“ изјави градоначалникот.
Сузана Андоновиќ








