Вести

Користењето на мобилните од страна на децата да биде максимално контролирано и ограничено

Користењето на мобилните од страна на децата да биде максимално контролирано и ограничено

Во последните неколку години секојдневно сме сведоци на се поголем број на деца кои имаат проблеми во развојот, меѓу кои најчести се говорно-јазичните проблеми. Наместо децата да гледаат во мобилни родителите да ги занимаваат со сликовници и читање на приказни велат стручните лица.

– Во логопедски-дефектошки кабинет „Чекор плус“ каде работам како дефектолог, а воедно сум управител и основач, се повеќе ни доаѓаат деца кои имаат проблеми во развој, проблеми во социјалната интеракција, проблем со внимание и концентрација, деца кои не зборуваат и не разбираат и наједноставни налози, како и деца со несоодветно однесување во однос на календарската возраст, појаснува Трајковска.

Според неа врз детскиот развој влијаат многу различни фактори, како што се генетската предиспозиција, личните карактеристики на детето, но исто така силен фактор врз развојот е и опкружувањето, односно околината во која детето расте и се развива. Како еден од поголемите проблеми Трајковска го издвојува несоодветното и неправилното користење на технологијата и изложеноста на децата на екрани од најмала возраст.

– Можеме да забележиме дека децата дури од најмала возраст се повеќе се изложени на екрани (телефони, таблети, лаптоп.), а тоа негативно влијае врз целокупниот детски развој. Кога детето е пред екран изложено е на изобилство бои, слики и тонови во многу интонации, а со тоа се привлекува вниманието на детето па дури и со часови без да покаже интерес за околината и да погледне што се случува наоколу, вели дефектологот Трајковска. По часови минати пред екранот, вели таа, реалниот свет на детето му е бледа фотографија која му е сè помалку привлечна.

– Најчесто таквите децата покажуваат незаинтерсираност за игра и играчки а на тој начин им е ускратено учењето, поттикнувањето на когнитивниот развој, развој на моториката, поттикнување на говорот. Способноста да се фокусираат да одржат внимание и концентрација при дадената активност, се многу намалени бидејќи се научени се да добиваат со „еден клик“, а чести се и појава на фрустрација и агресивност при неуспех во одредена активност, појаснува кумановскиот дефектолог.

Сепак Трајковска нагласува дека не е поборник против технологијата, оти нејзиното користење може да биде корисно со мноштво едукативни апликации. Меѓутоа апелира користењето на екраните од страна на децата да биде максимално контролирано и ограничено.

– Користењето на екрани посебно во раното детството треба временски да се минимизира, а доколку се гледаат цртани нека бидат на мајчин јазик и во присуство на родител, при што со детето ќе се коментира и раскажува за сè што се случува. Заменете го гледањето во екрани со сликовници и читање на приказни, апелира Симона Трајковска, која е специјален едукатор и рехабилитатор/дефектолог, Монтесори воспитувач и Марте Мео практичар, управител и основач на логопедски-дефектолошки центар Чекор-плус.

Сузана Андоновиќ

Radio Bum

March 31st, 2023

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *