Вести

„Порака наша“ Куманово стана лиценциран давател на услуги

„Порака наша“ Куманово стана лиценциран давател на услуги

„Порака наша“ Куманово стана лиценциран давател на социјална дневна услуга за рехабилитација и реинтеграција на возрасни лица со умерена и тешка интелектуална попреченост и доби дозвола за вршење работа во социјална заштита за период од пет години, информираат од здружението.

-Од крајот на февруари, годинава официјално станавме лиценциран давател на услуга. Горди сме што го постигнавме успехот по повеќемесечен труд, подготовка на документи, набавка на соодветен мебел, адаптација на простории, утврден според правилникот за лиценцирање. Сметаме дека и другите организации треба да го следат нашиот пат и да придонесеме заедно за подобар квалитет при пружање социјални услуги во нашата заедница, изјави Фросина Симоновска, од стручниот тим на „Порака наша“

Преку лиценцата се гарантира квалитет при давањето на социјалната услуга. МТСП распишува повици за финансирање на ваков тип здруженија. Лиценцирањето подразбира следење стандарди и нормативи, пропишани од МТСП. Сега „Порака наша“ може да дава услуги од социјална заштита во локалната заедница. За стручните ова е важен чекор по 16 годишното опстојување.

-Ова за нас е многу важно бидејќи се решава идното функционирање на „Порака наша“, бидејќи ќе може да се насочи кон развивање нови услуги, малите групни домови изјави Симоновска.

Од здружението се надеваат дека сите чинители во градот и кумановци ќе го препознаат овој квалитет поради долгогодишното опстојување и секојдневното надминување на предизвици.

„Порака Наша“ има делумна поддршка од општина Куманово од 2006-та година. Според стручните, добро е што општината препознава дека треба да им се помогне на ранливите категории граѓани.

-Лицата со попреченост немаат избор, каде и што можат да направат во слободното време, какви сервиси да посетуваат, ако не постои Дневниот центар на „Порака наша“. Општината тоа го препозна и го поддржа, дел сме од социјалната програма за годинава и сме благодарни, изјави Симоновска.

Соработката со бизнис заедницата од градот продолжува, дополнителните финансиски средства ги обезбедуваат општествено одговорни компании, поединци, граѓани.

Сузана Андоновиќ

Radio Bum

March 10th, 2023

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *