Вести
Нови украсни дрва и садници засадени во Куманово
Екипите на јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ насадија нов дрворед на улицата „Гоце Делчев“ во Куманово, информираат надлежните. Акциите за садење на повеќе видови висококвалитетни садници ќе продолжат деновиве на двата кружни тека во градот.
– Општина Куманово набави 1.100 садници, а нашите екипи ги садат. Станува збор за 250 големи украсни дрвја, 600 украсни грмушки и 300 перени и цвеќе. Освен што го прочистуваат воздухот, садниците се украсни, имаат специфични бои. Во нашите расадници такви украсни дрвја немаме, изјави директорот на претпријатието, Даниел Стојчевски.
За набавка на овие садници, општината одвоила 1,4 милиони денари. Освен на главните улици, садници ќе се садат на градскиот кеј, на „Ленинова“, „Народна револуција“, плоштадите.
ЈП обезбеди дополнителни садници од сопствено производство кои ќе се садат во текот на целата година. Вкупно, претпријатието располага со 1.300 листопадни, 2.600 зимзелени дрвја, украсни грмушки 1.300 садници, 2.300 перени, 2.500 садници за жива ограда. „Чистота и Зеленило“ сами од сопстен саден материјал произведуваат садници.
– Целта на ЈП е да имаме повеќе дрвореди на повеќе улици и една е од долгорочните мерки за справување со проблемот со аерозагадувањето, изјави Стојчевски.
Тој повика граѓаните да не ги корнат овие дрвја како што беше случај претходните години кога несовесни жители на населбата Карпош“ уништија цел дрворед. ЈП поставува систем за наводнување во градскиот и соколанскиот парк. Деновиве ќе се реконструира и системот за наводнување на градскиот кеј. На останатите локации дрвцата ќе се полеваат со двете цистерни со кои се во ноќните часови се чистат улиците. Во текот на минатата година, претпријатието реализираше повеќе акции за пошумување. Според податоците на ЈП, лани насадени се над 8.000 садници и годинава очекувањата на надлежните е да се надмине бројот на насадени садници.
Сузана Андоновиќ










