Вести

Спасовски во Белград со српскиот колега Гашиќ потпиша протокол за начинот на извршување проверки на граничниот премин Лојане – Миратовац

Спасовски во Белград со српскиот колега Гашиќ потпиша протокол за начинот на извршување проверки на граничниот премин Лојане – Миратовац

Денеска во Белград, Република Србија, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, оствари билатерална средба со својот српски колега, министерот за внатрешни работи на Република Србија, Братислав Гашиќ, а по повод потпишување на протоколот за начинот на извршување гранични проверки на заедничкиот граничен премин Лојане – Миратовац.

Истакнувајќи го напредокот на меѓусебна соработка меѓу двете министерства, како и пријателските добрососедски односи и партнерство, министерот Спасовски ја потенцира интензивната соработка помеѓу двете министерства за внатрешни работи.

„Во однос на билатералната стратешка и оперативна соработка помеѓу двете министерства за внатрешни работи, можам да констатирам дека таа се реализира доста интензивно како преку продуктивната договорна соработка така и преку непосредни контакти на двете полициски служби, решавање заеднички случаи, мешани патроли, вршење гранични проверки и воопшто преку спроведување заемна партнерска полициска соработка придонесувајќи на тој начин за зачувување на безбедноста и стабилноста во двете држави и во регионот“, рече министерот Спасовски.

Во однос на безбедносната состојба на државните граници, министерот Спасовски информира дека таа е стабилна и без позначителни промени во однос на изминатиот период, а во таа насока во текот на 2022 година забележан е тренд на зголемување за 31,22 % на обидите за илегални преминувања со спречени 27.391 обид, а истиот тренд продолжи и во јануари годинава.

„Во оваа пригода би сакал да изразам голема благодарност за постојаниот придонес на МВР на Република Србија со испраќањето полициски службеници, кои учествуваат во заедничката операција за засилен надзор на јужната граница, што значително придонесува во зајакнување на капацитетите во борбата против илегалната миграција, што е од непроценлива важност за нашата земја со оглед на притисокот со кој се соочуваме на јужната граница. Можам да пренесам само пофални зборови за соработката со српските колеги, кои се присутни на нашата јужна граница и кои преку своето искуство, знаење и утврдени практики на работење придонесуваат кон развивање на капацитетите на македонската гранична полиција“, истакна министерот Спасовски.

На крајот од средбата министерот Спасовски се заблагодари за топлиот пречек истакнувајќи го значењето од денешното потпишување на протоколот за начинот на извршување гранични проверки на заедничкиот граничен премин Лојане – Миратовац, со уверување за продлабочување на соработката.

„Иако македонските и српските гранични служби традиционално веќе подолго време заеднички соработуваат, со овој протокол ќе придонесеме во подетално уредување на начинот на извршување на граничните проверки на овој заеднички граничен премин. Уште еднаш во мое лично име и во име на мојата делегација се заблагодарувам на укажаната чест за средба со Вас и нашето заедничко потпишување на протоколот“, истакна министерот Спасовски.

Министерот за внатрешни работи на Република Србија, Братислав Гашиќ, ја истакна традиционално добрата соработка помеѓу двете министерства за внатрешни работи, со уверување дека тој тренд ќе продолжи. Тој ја потенцира важноста од соработка во борбата против организираниот криминал и нагласи дека за нејзина успешност неопходни се брза размена на информации и заедничка соработка помеѓу двете полиции.

Министрите Гашиќ и Спасовски истакнаа дека граничните служби на двете земји традиционално добро соработуваат и дека потпишаниот протокол ќе придонесе за детаљно уредување на начинот на извршување на граничните проверки на овој заеднички премин, а соработката ќе ја зајакне и направи поефикасна.

Сузана Андоновиќ

Radio Bum

February 22nd, 2023

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *