Вести
Ние се грижиме за здравјето на државата, а владата да се грижи за нас, порачаа на мирен протест здравствените работници во кумановската болница
Доцнењето на платите за здравствените работници е главната причина за протестот кој денес се одржа во кумановската болница, а претставниците на двата синдикати, самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита и клиничкиот синдикат имаат исти барања.
– Протестот го организираме поради доцнење на платите и тоа во иднина да не се повтори, а денеска сакаме да го изразиме револтот и за непокачување на платите, односно непотпишување на анекс на колективниот договор за покачување на платите, вели Сузана Атанасовска од самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.
-И ние сме луѓе, сакаме редовна плата, навремено, а договорот што требаше да се потпише за покачување на платите на медицинските сестри и друг медицински тоа значи 3000 денари бруто, а 2000 денари нето, што е веќе договорено три месеци се одолговлекува, што е премногу и бараме веднаш да се реализира.
Барањата кои беа предизборно ветени во 2022 година, за зголемување на платите не се реализирани. Со зголемување на минималната плата не настапи линеарно зголемување на платите на здравствените работници. Се воведуваат и предлог закони за измена на плата што значи дека синдикатот ќе биде маргинализиран, а тоа значи дека сите додатоци ќе се стават под знак прашалник бидејќи ние работиме и смени и дежурства. Тоа не е добро за ниту еден здравствен работник, вели докторка Слаѓана Илиевска претседателка на огранокот на клинички синдикат.

Протестот на здравствените работници започна за време на паузата од 10 до 10 30 часот.
Додека се одвиваше протестот здравствената заштита се одвиваше во болницата велат претставниците на синдикатите, кои информираа дека платите на здравствените работници се пуштени.
Сузана Андоновиќ










