Вести

Основен суд Куманово:  Казната на Даравелски не застарела

Основен суд Куманово: Казната на Даравелски не застарела

Извршувањето на изречената казна затвор за Драган Даравелски не застарува со оглед што Основниот суд Куманово по приемот на правосилната пресуда преземал повеќе дејствија, со кои текот на застарувањето на извршувањето на казната е прекинувано. Ова пред малку го објави надлежениот Основен суд Куманово за извршување на изречената казна затвор за Даравелски кој во мај 2007 година беше осуден на 7 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластувања, која пресуда е потврдена и правосилна од Апелациониот суд Скопје од март 2008 година.

– Согласно чл.109 ст.1 т.3 од КЗ застарување на извршување на казна затвор над 5 години настапува по протек на 10 години од правосилноста на пресудата со која казната е изречена. Согласно на чл.111 од КЗ застарувањето се прекинува со секое дејствие на надлежен орган, што се превзема заради извршување на казната, а со секој прекин застарувањето почнува повторно да тече. Основен суд Куманово од прием на правосилната пресуда преземал повеќе дејствија, со кои текот на застарувањето на извршувањето на казната е прекинувано, информираат од Основниот суд во Куманово.

Појаснуваат дека согласно ст.5 од чл.111 од КЗ застареност настапува во секој случај кога ќе помине два пати онолку време, колку што според законот се бара за застареност на извршување на казна.

-Со оглед дека од последното преземено дејствие од страна на Судот нема изминато период од десет години, ниту пак изминало два пати онолку време колку што според законот се бара за застареност на извршување на казна, застареноста не настапила, потенцираат од Судот.

Од Основниот кривичен суд Скопје за МИА информираа дека до нив не е доставено никакво известување или барање за повторување на постапката за Даравелски.

-Според пресудата со К.бр. 809/05 од 17 мај 2007 година лицето е осудено на 7 години затвор за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување од чл. 353 ст.3 вв со ст.1 вв со чл. 22 и чл. 45 од КЗ, која пресуда е потврдена и правосилна со одлука на Апелациониот суд Скопје КЖ 2551/07 од 26 март 2008 година, но извршувањето на пресудата, согласно одредедбите од Законот за извршување санкции, е во надлежност на Судот според местото на живеење на странката, односно во овој случај Основниот суд во Куманово, каде може да се обратите за повеќе информации околу извршувањето на казната, соопштија за МИА од Кривичен.

Од таму појаснуваат дека за евентуално повторување на постапката, одлучува Кривичниот совет на овој суд по добиено барање за повторување од странката и по добиено мислење од надлежното обвинителството.

Поранешниот директор на Царина, Драган Даравелски беше осуден во отсуство во 2007 година за „Злоупотреба на службената положба и овластувања“ и тој се бараше со меѓународна потерница. Според пресудата, тој го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година. Министерството за права повеќе пати побара негова екстрадиција, откако тој пребегна во Србија. Даравелски беше уапсен во Белград во 2016 година по потерница од македонските власти, но тогаш српските власти не го екстрадираа, бидејќи имал српско државјанство.

Сузана Андоновиќ

Radio Bum

January 11th, 2023

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *